Линкови за пристапност

Демократите се собираат за националната конвенција


Обама официјално ќе ја прифати номинацијата за втор мандат во Шарлот, Северна Каролина, каде настаните започнуваат во вторник.

Републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни и неговите симпатизери за време на конвенцијата во Тампа, Флорида ја критикуваа економската политика на претседателот Барак Обама. Неделава, во Шарлот, Северна Каролина ќе биде ред на демократите да го одбранат досега стореното и да понудат визија за тоа каде актуелната администрација би сакала да ја одведе земјата во наредните четири години.

Дејвид Плуф е еден од главните политички советници на претседателот Обама. За тв-мрежата Еј-Би-Си, тој изјави:

„Неделава ќе се обидеме да му објасниме на американскиот нарот и на средната класа во оваа земја, како ќе продолжиме да се опоравуваме“, вели тој.

За време на минатонеделната републиканска конвенција, кандидатот Мит Ромни истакна дека доколку победи на изборите во ноември, ќе се фокусира на креирање на работни места, намалување на буџетскиот дефицит и вложување напори за енергетска независност на САД.

Аналитичарите велат дека гласачите за време на обраќањето на претседателот Обама во четврток ќе очекуваат конкретни планови за решавање на одредени прашања.

Марк Шилдс е колумнист и политички аналитичар.

„Нема конкретни изгледи за тоа каде претседателот сака да ја насочи својата политика, како неговиот втор мандат би бил поразличен од првиот и како наредните четири години би биле подобри за земјата“, смета овој експерт.

Историски гледано, претседателските кандидати беа бирани токму на политичките конвенции. Сега, на овие собири главно се потврдува номинацијата на кандидатите избрани во долга серија на прелиминарни избори и гласања во сојузани држави што започнаа на почетокот на јануари.

Конвенциите нудат и можност кандидатите да ја изложат својата политичка платформа директно до американскиот народ, вели аналитичарот Питер Браун.

„Следната голема можност е да се остави добар впечаток. По конвенциите следат дебатите и тие се подеднакво битни“.

Претседателот Обама својот говорот за прифаќање на номинацијата ќе го одржи во четврток на бина поставена на отворен фудбалски стадион, слично како кога ја прифати номинацијата пред четири години за време на конвенцијата на демократите во Денвер, Колорадо.

Потпретседателот Џо Бајден ќе зборува во четврток. Првата дама Мишел Обама ќе се појави на сцената на првиот ден, а меѓу други големи имиња кои ќе имаат настапи на конвенцијата се поранешните претседатели Џими Картер и Бил Клинтон.
XS
SM
MD
LG