Линкови за пристапност

Формирана работната група, но препирките продолжуваат

  • Соња Трајковска

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на чело на телото што ќе ги спроведува препораките во врска со настаните од 24-ти декември.

Пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ Илија Димовски ќе ја предводи работната група која ќе треба да ги спроведе препораките од извештајот на ад-хок комисијата за настаните од 24-ти декември. Во неа уште се и пратениците Благородна Дулиќ од владејачката партија, Цветанка Ивановска и Игор Ивановски од СДСМ и Неџати Јакупи од ДУИ. Ова е договорено на денешната координативна средба кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Шестото место во работната група остана празно, бидејќи претставниците од ДПА ја бојкотираа денешната средба. Според Имер Алиу, настаните од 24-ти декември биле „фарса“ во која не сакаат да учествуваат.

„Брзото формирање на работната група покажува дека можеме заеднички институционално да работиме и да водиме успешен политички дијалог насочен пред се` кон иднината на граѓаните и натамошните евроатлантски чекори на Република Македонија“, се вели во соопштението од Кабинетот на Вељаноски.

И амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, смета дека усвојувањето на извештајот за настаните од 24-ти декември во Собранието е чекор напред кон ЕУ.

„Иако САД не се членка на ЕУ, ова е многу значајно за натамошен прогрес кон Унијата. Постојат и други прашања што треба да се решат, како Законот за медиуми и Избирачкиот список, кои се посочени како важни од страна на ЕУ, но мислам дека ова беше чекор напред и задоволен сум што е дојдено до решение за ова прашање. Политиката продолжува, и, како што знаете, постојано има нови проблеми и теми кои на долг рок треба да се решаваат. Ќе видиме како работите ќе се одвиваат во октомври, ноември и во иднина, но ова беше навистина добар чекор напред“, нагласи амбасадорот Волерс.

За премиерот Никола Груевски - нема контрадикторност што за спроведувањето на препораките ќе биде одговорен Илија Димовски, кој како потписник на извештајот се огради од делот на правните квалификации.

„Работната група нема да се занимава со правните квалификации, туку со препораките за кои се постигна согласност во рамки на ад-хок комисијата. И јас во моето излагање кажав дека правните квалификации се нешто што не го признаваме и немаме согласност, додека за препораките и заклучоците имаме заедничка согласност. И тука не би требало да има некои проблеми во комисијата, освен ако некој не сака да направи проблем“, изјави Груевски.

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, пак, на прес - конференција подоцна побара токму претседателот на Собранието да ја започне имплементацијата - со негова оставка.

„Најважен чекор што Трајко Вељановски може да го направи во спроведувањето на извештајот е да си поднесе оставка, бидејќи во полноважен и релевантен документ е констатирано дека токму тој во неколку наврати го прекршил Уставот, Законот на Собранието и Деловникот“, изјави Шеќеринска.

Според неа, извештајот за 24-ти декември е едногласно усвоен и потпишан од сите членови на комисијата, а забелешките при потпишувањето од членовите на ВМРО-ДПМНЕ во комисијата, по неговото едногласно усвојување, како што нагласи, немаат никакво влијание на полноважноста на извештајот, ни политички, ни правно.
XS
SM
MD
LG