Линкови за пристапност

Републиканските кандидати се судрија за имиграцијата и за Израел


Републиканските кандидати се судрија за имиграцијата и за Израел

Републиканските кандидати се судрија за имиграцијата и за Израел

Четворицата преостанати републикански претседателски кандидати ја одржаа последната дебата пред круцијални прелиминарни избори во Флорида, расправајќи за имиграцијата, даноците и предложената месечева колонија, во сојузната држава каде се наоѓа најголем дел од вселенската индустрија на САД.

Лидерите на листата меѓу нив, Њут Гингрич и Мит Ромни, разменија остри квалификации во четвртокот на дебата во Џексонвил, во северна Флорида. Најблиската држава до Куба, Флорида е дом на голем број кубански имигранти.

Обвинет од Гингрич дека е анти-имигрански кандидат, Ромни кажа дека забелешката е „одбивна“ и побара извинување. Гингрич го обвини Ромни дека сака да ги натера сите илегални имигранти, вклучително и старите лица, да ја напуштат земјата. Ромни кажа дека сака сите луѓе да доаѓаат во САД легално и да работат.

Ромни го нападна неодамнешниот предлог на Гингрич да се востанови колонија на месечината, велејќи дека тој повеќе би сакал да види како се трошат пари за обнова на секторот за домување во САД. Рон Пол се вклучи со забелешката дека наместо колонија, можеби треба некои политичари да се испратат на месечината.

Бидејќи Флорида исто така има голема еврејска популација, Израел беше клучна тема на дебатата. И Ромни и Санторум кажаа дека нема да има мир на Блискиот исток додека палестинските лидери не го признаат правото на постоење на Израел. Двајцата го критикуваа претседателот Барак Обама кој повика Израел да престане да гради еврејски населби на територија што би била дел од идната палестинска држава.

Кој и да победи во Флорида во вторник, ќе добие многу делегати од многу населената држава за националната конвенција, и може да добие солидно водство во републиканската претседателска трка. За разлика од минатото, во 2012-та се` уште нема јасен победник од претходните три прелиминарни гласања.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак обама е на турнеја низ пет сојузни држави , од две причини – да си обезбеди поддршка за реизбор и да го продаде својот нов економски план. Во петок е во Ен Арбор, Мичиген, да каде зборува за образованието како начин за поттикнување на економијата и креирање работни места. Подоцна во денот ќе оди во Мериленд да присуствува на конференција демократски прашања.

XS
SM
MD
LG