Линкови за пристапност

Давутоглу во Македонија


Турскиот премиер со домаќинот и колега Груевски ја акцентираа поддршката за членството во НАТО и поголемата трговска размена

„Турција силно ја поддржува Македонија да стане НАТО-членка. Сметам дека сите држави од Балканот треба да се најдат под чадорот на НАТО бидејќи тоа е важно за безбедноста. Во една прилика, за време на самитот на НАТО во Чикаго, јас мојот говор го почнав со зборовите - јас сум од Македонија - што самото кажува за нашата поддршка. Се надевам дека Македонија ќе го заземе заслуженото место“, истакна турскиот премиер Ахмет Давутоглу по денешната средба со неговиот домаќин, претседателот на македонската Влада, Никола Груевски.

„Политичката соработка на двете земји е важна. Стабилноста на Балканот е важна, со цел да биде мирно и да нема никакви конфликти ситуации“, рече Давутоглу денес во Скопје, за време на првата посета на Македонија како премиер.

Турција е на 10-то место на листата земји со кои Македонија има најразвиени трговски односи, но токму на економски план, двата премиера поставија висока цел, зголемување на трговската размена на дури една милијарда долари.

„Ние ќе се трудиме да обезбедиме клима и услови за подобра комуникација и економски односи меѓу бизнисмените. Понатаму зависи од бизнисмените од двете земји колку ќе ги искористат условите. Сметам дека една милијарда долари размена е достижна во одреден момент“, рече премиерот Груевски.

Турскиот премиер денес се сретна и со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, со кого, според медиумските извештаи, разговарале за продлабочување на билатералните односи, традиционалното пријателство и комуникацијата. Македонскиот претседател и турскиот премиер ја поздравиле економската соработка и изразиле надеж за нејзино натамошно интензивирање, но разговарале и за соработката во одбраната и безбедноста, културата, туризмот, образованието, како и на мултилатерален план, во меѓународните организации.

Претседателот Иванов потенцирал дека Македонија ги цени турските активности и напори во помошта за евроатлантските интеграции на Македонија, а гостинот од Турција најавил дека како и досега, Македонија и во иднина може да смета на безусловна поддршка и помош од Турција.

XS
SM
MD
LG