Линкови за пристапност

Да си жена – е предизвик!


Пораки на жени кои урнале бариери и пробиле таваници
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:02 0:00

Пораки на жени кои урнале бариери и пробиле таваници

Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на ЛДП:

На младите жени и девојки можам да им порачам само да бидат упорни, истрајни и да не отстапуваат од својата борба
Моника Зајкова

„Жалам што сѐ уште во 21 век и во годините во кои живееме треба да разговараме зошто жените треба да бидат вклучени во општествено- политичките процеси. Сметам дека секоја жена треба да биде онаму каде таа смета дека треба да биде и согласно нејзиното образование, компетенции и сето она што го носи во себе како квалитет и убавина. Од тука, на младите жени и девојки можам да им порачам само да бидат упорни, истрајни и да не отстапуваат од својата борба бидејќи местото на секоја жена е во општествено-политичките случувања и на масата каде се носат големи и крупни одлуки. Мојот пример како млада политичарка која успеала да се избори да стане претседателка на политичка партија, нека биде добар пример и мотив за многу жени да се охрабрат да го кренат својот глас, и да пристапат во процесот на донесување на одлуки и да се вклучат во општествено-политичките текови“.

Нина Кепеска, ПР/маркетинг менаџер и поранешна новинарка:

„Моето лично искуство е дека успехот и среќата одат рака под рака и дека што повеќе човек знае да си направи да е среќен, толку повеќе е и успешен. Научете да бидете среќни во својот микро свет, односно во сопствената кожа, за да ви биде убаво секогаш и да не зависите премногу од надворешната околина. Јас сум се спротивставила на стереотипите на една мала средина како што е Охрид и во однос на приватниот живот и во однос на професионалната кариера и мислам дека сум успеала да бидам успешна и среќна со мојата работа со мојот начин на живот кој што ме однесе на многу страни на светот, низ многу предизвици. Она што е најново, јас се охрабрив да се запишам на 58 години на докторски студии и сега за 8 март да полагам три испити. Мислам дека е успех човек да гледа визија и во овие години натаму за нови успеси, нова среќа, затоа што само тоа може да го направи животот убав“.

Анета Павлоска, првата македонска судијка на светски тениски турнири:

Нема машки и женски професии
Анета Павлоска

„Жените денес смело ги уриваат стереотипите и бариерите каде доминираат мажи. Затоа ги охрабрувам сите девојки да не се плашат да тргнат по своите соништа и цели. Оставете нека ве води срцето, и тоа ќе го најде самото патот. Нема машки и женски професии. Можете да бидете се` што ќе посакате, само напред!“.

Љуљета Адеми, прва жена со физичка попреченост од Балканот, која ги искачи трите највисоки балкански врвови:

Единствениот хендикеп во животот е лошиот став за тоа
Љуљета Адеми

„Да си жена е голем предизвик пред сѐ. Да си жена со попреченост значи ризик за повеќекратна дискриминација. Затоа, единствениот хендикеп во животот е лошиот став за тоа. Имајте секогаш убав и позитивен став кон животот. Никогаш не е доцна да ги исполните вашите соништа, никогаш не се откажувајте од тоа што сакате да бидете, не се задоволувајте со тоа што сте“.

Бети Котовчевска, рекордер во капење во екстремно студени води:

Биди горда на тоа што си ти
Бети Котовчевска

„На денот на жената би ти порачала да се бориш како жена, би ти порачала да ја освестиш сопствената женска магија, би ти порачала да ја прифатиш и сфатиш жената во себе си. Таа постои секој ден, таа постои секоја секунда. Биди горда на неа. Биди горда на тоа што си ти. Прифати ја и носи ја гордо. Бори се! Бори се зашто ти ја имаш таа моќ. Би ти порачала да направиш секој ден нешто за таа жена што ја имаш во себе. Би ти порачала не само да го чекаш 8-ми март за да нешто се оствари затоа што соништата немаат години. Верувај, верувај, верувај! И таму си - веќе си на врвот!

XS
SM
MD
LG