Линкови за пристапност

Македонци на работа на брод


„Ројал Карибиан“ реши привремено да не вработува лица од Балканот, но приказната е многу поголема од тоа.

Крузерите на американската компанија „Ројал Карибиан интернешенал“ ги кренаа сидрата за работниците од Балканот. Иако привремено, оваа ненадејна одлука ги урна сништата и на голем број Македонци кои секоја година заминуваат на бродовите на оваа компанија, која важи за најпосакуван избор за неколкумесечна работа.

Ангажманот трае седум месеци, за месечна плата од 600 до пет илјади евра, во зависност од работната позиција што ја држат, посветеноста кон задачите и договорот со компанијата. А, ако компанијата е задоволна, тогаш договорите се продолжуваат и по вторпат и по третпат. Но, кога на неколкумината наши соговорници им го поставивме прашањето, колку тие се задоволни од условите во кои работат, повеќето не сакаа да зборуваат за тоа, оставајќи впечаток дека не сакаат да се потсетуваат на овој сегмент од нивниот живот.

„Буквално секој ден ти е „понеделник“. Нема слободен ден, туку слободни часови, но и тоа зависи дали работиш две или три смени дневно, што, пак, зависи од позицијата. На некои бродови, работното време е трикратно, како на „Принцес“ - од 6 до 10.30, потоа од 11.30 до 15 часот и од 16.30 до 23.30, додека на „Ројал“ се работни двократно: од 6 до 12 часот и од15.30 до полноќ, објаснува Мирослав Рангелов, кој кажано со професорски јазик, е „доктор“ во оваа работа, бидејќи од 2006-та до август годинава, бил дури петпати на крузерите на двете најатрактивни компании од овој бизнис, „Принцес“ и “Ројал“.

Иако, правилата варираат од една до друга компанија, главното правило секаде е: персоналот никогаш не се меша со гостите.

„Тоа се огромни бродови, со околу 4.000 гости и 1.500 персонал. За вработените има посебен дел, со бар, менза, кабини, фитнес. Бродовите од 90-тата наваму се целосно покриени со камери и многу е лесно секое движење да се следи. Но од друга страна, тоа е толку голем простор, што со некои од персоналот никогаш за тие седум месеци нема да го сретнеш“, раскажува Рангелов.

Првите четири месеци се прилагодуваш, потоа се бориш сам со себе

Бескрајно долгите денови среде море, напорната и одговорна работа, физичката истрошеност, но најмногу психичката состојба честопати ги доведуваат овие луѓе до искушение: дали да опстојат на целта - да заработат пари и да ги однесат дома, или да им се препуштат на емоциите и само да се вратат кај своите.

„Првите четири месеци поминуваат на прилагодување, се уште имаш елан и енергија. Но после четвртиот месец, како веќе да не си ти. Секој на свој начин се обидува да ја надмине оваа состојба. Ова е една голема школа за секого, ќе научиш како да се заштитиш, да се цениш себе си повеќе и како времето со кое располагаш да го потрошиш само за себе. Некои пак, се свртуваат кон алкохолот, бидејќи е многу евтин - околу 1 - 1.5 долар за чашка виски на пример, па дома се враќаат и со проблем повеќе. Други пак, голем дел од парите ги трошат за Интернет (36 центи за минута) и телефонски разговори (околу 10 долари за час) за секојдневни контакти со најблиските, кои во овие моменти едноставно немаат цена“, објаснува Мирослав.

Единствен лек за ваквата состојба е работа и само работа, додава тој, а пред себе да се има целта - да се заработат планираните пари.

А кога се во прашање парите, вели тој, илузија е дека тие се огромни. Вистината, пак, е дека она што таму може да се заработи за еден месец е за неколкупати повеќе одошто во Македонија.

На завидливите коментари дека „го шетаат светот“, Мирослав вели дека тоа така изгледа само на фотографиите.

„Тие прошетки секогаш се многу кратки, некои се мерат и во минути. Еве јас, на пример, во Пиза бев точно шест минути, доволни да се фотографирам пред Кривата кула. Или доколку сме на некоја позната плажа, имаш време само колку да се искапеш. Персоналот последен се симнува од бродот и прв мора да се качи, со насмевка ги испраќа и со насмевка ги дочекува гостите, некаде градовите се подалеку, па времето се губи на превоз“, раскажува тој.

По две ипол месечна агонија, семејството Маркоски од Прилеп конечно доби потврда на она во што никој не сакаше да верува: телото пронајдено во грчките води е на нивната ќерка Дениса, која работела на туристичкиот брод „Серенисима“, многу помал и поскромен од „џиновите“ на „Принцес“ и „Ројал“. Мирослав вели дека за жал, некои не успеваат да се извлечат од депресијата од ова, како што популарно во нивните кругови го нарекувале „модерно ропство“, и која тешко може да се опише на некој што не бил на ваква работа. И тој бил сведок на исчезнување на член на персонал. Вели, тоа се комплексни процедури, но одговорот за она што навистина се случило речиси секогаш го даваат камерите што, барем од неговото искуство, го решиле мистериозното исчезнување. Но, додека сето тоа трае, работата продолжува како ништо да не се случило, а гостите никогаш не дознаваат за ваквите несреќни судбини.

Балканските синџири за измама ги затворија вратите на „Ројал“

Повеќе од десет години, работата на брод е хит посебно меѓу младите.Според неофицијалната статистика, во моментов меѓу 2-3 илјади Македонци работат на „крузерите“ низ светот. Голем број компании во Македонија се обидоа да бидат посредници, но не сите успејаа да одолеат на малверзациите и заработката преку грбот на оние кои очајно го бараа економскиот спас во повеќемесечните океански патувања. Меѓу нашите соговорници кои не сакаа јавно да говорат, имаше и такви кои се соочиле со вакво горко искуство. Но, од пред неколку години, за трошоци од 500 до две илјади евра за лекарски прегледи, визи и авионски билети, во зависност од тоа дали местото од каде што се заминува е Европа или Австралија, и по успешни тестирања на релација Скопје – Софија- Букурешт, сонот на многумина стана реалност. Во Македонија се наоѓа тренинг-центар на персонал како база за сите балкански и источноевропски земји, каде доаѓаат обучувачи од цел свет што ги ангажира „Ројал“. Зад неа стои македонската компанија „Коузон“, која сите наши соговорници ја посочуваат како сериозен и одговорен посредник.

„Она што е хит последниве години, работа на брод, е голем бенефит за оваа држава. Бидејќи младите одат времено, заработуваат пари и ги носат во Македонија. Анализата што ние ја имаме направено покажува дека повеќе од 30 милиони долари се слеваат во Македонија годишно, вели Зоран Кочовски, директор на компанијата „Коузон“, преку која секоја година се „регрутираат“ стотици Македонци за бродски персонал.

Но и покрај се`, овој бизнис не остануваа имун на измами и манипулации. И последната одлука на „Ројал Карибиан“, извесен период да не ангажира работници од Балканот на своите крузери е поттикната токму од желбата на некои од нив да дојдат до „лесни“ пари.

„Проблемот настана поради една група вработени од регионот, кои ги учат останатите како да симулираат повреди на грбот. Потоа, повредените ја тужат компанијата, која, пак, им нуди спогодбена постапка за случајот да не стигне до суд. За жал, на Балканот се` уште функционира принципот дека до пари полесно се стигнува со измама отколку со чесен труд“, вели Кочовски.

„Досега се евидентирани околу петнаесетина тужби на македонски државјани, кои станале дел од измамничкиот синџир, а еден од најкарактеристичните случаи е кога вработен на бродот, по само два дена работа, се пожалил на тешка повреда и ја тужел компанијата, барајќи отштета од 35.000 американски долари. На ваков начин, 20-тина Македонци им ја затворија вратата на 400 други“, вели тој, но сите оние кои с ена листата на чекање на ваква работа преку неговата компанија, ги уверува дека наскоро ќе станат дел од персоналот на крузерите на десетина други компании со кои тие соработуваат.

XS
SM
MD
LG