Линкови за пристапност

Група конгресмени во писмо до Кери бараат да се заложи за проширување на НАТО


Државниот секретар на САД да го поддржи членството на Македонија и Црна Гора уште на Самитот во Британија во септември оваа година.

Група од 40 американски конгресмени во писмо до државниот секретар Џон Кери бара проширувањето на НАТО да биде приоритет за САД и Алијансата, а тој да го поддржи членството на Македонија и Црна Гора уште на Самитот во Британија во септември оваа година.

„Веруваме дека САД треба да продолжат со блиското партнерство со земјите-аспиранти Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со останатите земји од Централна и Источна Европа што бараат поблиски односи со САД и НАТО. Конкретно, ве повикуваме да го поддржите членството на Црна Гора и Македонија на Самитот оваа година, да поттикнете натамошен напредок во примената на Акциониот план за членство (МАП) на Босна и Херцеговина, како и да се заложите да се додели МАП на Грузија“, стои во писмото потпишано од конгресмени од обете главни политички партии во САД. Конгресмените исто така бараат Кери со сојузниците да овозможи Косово да стане член на Партнерството за мир, на патот до евентуално членство во НАТО.

Законодавците веруваат дека можноста за членство во НАТО за земјите-аспиранти ќе резултира во натамошно јакнење на демократските институции и вредности, како и дека ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на регионот. Воедно, тие предупредуваат дека аспирантите би можеле да се обесхрабрат во потрагата по демократски реформи и да заслабне нивната посветеност на партнерството со евро-атлантските институции, доколку не се уважат и наградат нивните, како што се наведува во писмото, значителни напори. Тие укажуваат дека ситуацијата во Украина родила загриженост за назадување на демократијата и за можноста земјите од регионот да бидат под притисок на надворешни сили што се обидуваат да го поделат континентот и да ја поткопаат визијата за обединета, слободна Европа, што живее во мир.

Групата конгресмени заклучува дека САД и сојузниците досегнале критична точка при што е неопходна акција за да се обезбеди релевантноста и функционирањето на НАТО во иднина, за што на државниот секретар му ја нудат својата помош.

Коментирајќи на писмото, претседателот на Обединетата македонска дијапора, Мето Колоски, изразува голема благодарност до конгресмените Мајкл Тарнер и Елиот Енгел, додаваји дека се „двајца цврсти пријатели на Македонија и регионот, но, што е најважно, големи поборници за проширувањето на НАТО што го одржуваат ова прашање и вршат притисок американската влада рано, уште пред Самитот на НАТО, да преземе раководна улога“. Според Колоски, фактот дека писмото го потпишале 15 членови на Комитетот на Претставничкиот дом за надворешни работи, седум членови на Поткомитетот за Европа, и 10 членови на Комитетот за вооружени служби, покажува дека расте поддршката за проширувањето на НАТО.
XS
SM
MD
LG