Линкови за пристапност

Конгресот привремено ја отстрани „фискалната бездна“


Претставничкиот дом, под контрола на републиканците ја одобри мерката доцна синоќа.

Со 257 гласа се „за“ и 167 – „против“, Претставничкиот дом, под контрола на републиканците ја одобри мерката доцна синоќа. Таа е политички компромис со која ќе се зголемат даноците само на оние кои заработуваат повеќе од 400.000 долари годишно. Ова е прво зголемување на данокот на приход последниве 20 години.

Претходно мерката мина во Сенатот. Усвојувањето во Претставничкиот дом беше доведено во прашање откако некои конзервативни републикански законодавци се обидоа, но не успеаја да додадат поголеми буџетски кратења во актот.

По гласањето, претседателот Обама ги повика законодавците од двете партии на нов компромис што не влезе во оваа мерка: за кратење на јавните трошоци и зголемување на приливот во буџетот, но и задржување на важните владини социјални програми.

„Може да најдеме начин да си ги дозволиме инвестициите што ни се потребни за растеж и конкурентност“, изјави американскиот претседател.

Мерката ги продолжува бенефициите за невработените за уште една година. Привремено, на два месеца ги одложува задолжителните кратења во одбраната и домашните програми, со што се очекува уште една конфронтација меѓу двете страни, кога на дневен ред во Конгресот ќе се најде крајната граница на задолжување на нацијата.
XS
SM
MD
LG