Линкови за пристапност

Фалсификуваната стока ќе добие хуманитарна примена

  • Соња Трајковска

Собранието наскоро ќе гласа за измена на законот со што конфискуваното од Царината ќе може да се подари на социјално ранливи категории на граѓани.

Запленетата фалсификувана стока во Македонија отсега ќе може да се користи и во хуманитарни цели. Наместо како досега да се уништува во депонијата Дрисла или во печките Макстил, таа ќе може да се подари онаму каде што е потребна - во државни институции или на социјално ранливи категории граѓани. Ова го предвидуваат новите измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, по кои Собранието наскоро ќе се изјасни.

Сепак, за да ја избегне можноста и самата да биде обвинета за противзаконски дела, Царината ќе мора, пред да ја предаде фалц-стоката, за тоа да обезбеди согласност на носителот на марката, или застапникот. Според објаснувањето од Царината, нивниот предлог е од стоката да се вади етикетата, за да може понатаму да се користи. Потоа, таа би била предадена на Министерството за труд и социјална политика, од каде пак, ќе се доставува онаму каде што е потребна - до граѓаните.

Истивремено, се предвидуваат построги казни за оние кои ќе бидат фатени во криминал со фалсификувана стока - од 2 до 5 илјади евра за компании или од 500 до една илјада евра за поединци кои ќе внесат, ќе пуштат во промет или ќе изнесат стока за која е утврдено дека е фалсификат.

Не е тајна дека во Македонија циркулира фалсификувана стока, посебно копиите на светските брендови облека, чевли, чанти, парфеми, козметика... Бројките, само за лани, покажуваат дека биле откриени 119 случаи на, како што официјално сенарекува, „сомневање за повреда на правото на интелектуална сопственост“.

Последниот случај за кој информираше Царината е запленувањето на огромна количина - 43.000 парчиња фалсификувана пена и лак за коса и шампони од познати светски козметички брендови, со потекло од Турција, а наменета за пазарот во Албанија, со проценета вредност од речиси пет милиони денари.

Според податоците на Царината, најмногу фалсификати во Македонија се од марките „Најк“, „Адидас“ и „Пума“, со потекло од Кина, Турција, Бугарија и Обединетите Арапски Емирати.
XS
SM
MD
LG