Линкови за пристапност

Чекање на Кометата ИСОН


Астрономите со возбуда исчекуваат спектакуларно приближување на комета кон крајот на годинава, која веќе се нарекува „комета на столетието“.

Кометата ИСОН беше откриена на 21-ви септември 2012-та, од двајца аматерски астрономи во Русија, кои користеле рефлектирачки телескоп во обсерваторија на Меѓународната научна оптичка мрежа. Тие кометата ја нарекоа ИСОН, што е кратенка за мрежата, иако официјалното име е Ц/2012 С1.

Денис Бодевиц, астроном на Универзитетот на Мериленд кој ја следи ИСОН, објаснува дека возбудата за нејзиното приближување се зголемува со дефинирањето на траекторијата на кометата:

„Почнавме да ја гледаме кон крајот на минатата година, кога беше далеку од Земјата и од Сонцето, и веќе тогаш беше јасно дека е активна. Луѓето почнаа да ја реконструираат нејзината орбита и повеќе да разбираат што се случува со неа. На таа основа може да се предвиди дека оваа комета ќе биде навистина светла во времето кога ќе се приближи на Сонцето“.

Бодевиц и други астрономи кои ја следат ИСОН неодамна искористија ресурси како вселенскиот телескоп на НАСА, Хабл, и сателитот Свифт, за добро да ја погледнат кометата додека си го пробива патот низ нашиот сончев систем. Бодевиц вели дека тој бил посебно заинтересиран да научи колку е големо јадрото на кометата.

„А ова е важно, зашто од тоа зависи дали ќе приживее во близина на сонцето. Ако имате многу голем објект, поверојатно е дека нешто од тоа ќе остане. Сега е посебно важно, бидејќи како што станува поактивна, џиновски облак од прашина и гас спречува директно да се види нуклеусот. Тоа е проблем што секогаш го имаме со кометите.“

И, колку е големо јадрото на ИСОН?

Бодевиц вели дека Хабл открил оти кометата била помала отколку што можеле да видат. Тоа значи дека е најмногу четири километри во пречник, што ќе рече – релативно мала.

Траекторијата ќе ја донесе ИСОН многу блиску до сонцето пред да ја турне назад длабоко во вселената со гравитацијата на сонцето.

Бидејќи ќе лета толку блиску до сонцето, Бодевиц вели дека има загриженост оти силните гравитациони сили ќе ја ја разбијат кометата.

Во моментов не се знае дали тоа ќе се случи.

Астрономите веруваат дека ИСОН ќе има спектакуларна претстава во ноември, со можност да стане толку сјајна што ќе може да се види и дење на небото.

Вакви возбуди имало и порано. Некои комети ги исполниле очекувањата, но некои разочарале.

Халеевата комета, една од најпознатите и најдокументирани небесни посетители, се врати во 1986, но бидејќи нејзината орбита ја одвела два пати подалеку од прославената посета во 1910, таа беше само бледа точка на ноќното небо.

Дали Кометата ИСОН ќе ги оствари очекувањата кога доцна годинава ќе биде видлива од многу делови на светот? Треба да се чека да се види дали тоа ќе биде „комета на столетието“ или само уште едно парче мраз и карпа што тивко ќе се протне низ нашето вселенско соседство.
XS
SM
MD
LG