Линкови за пристапност

Француска врска за виетнамско чоколадо


Благодарение на идејата на двајца Французи, производството на зрна какао во Виетнам цвета.

Одгледувањето на какао не е најразвиено во Виетнам. Минатата година оваа земја произвела околу 5.000 тони какао. Во Индонезија, третиот најголем производител во светот, оваа бројка изнесува 500.000.

Повеќето од зрната какао одгледувани во Виетнам се испраќаат во странство за да се преработат во прав. Зрната не се со забележителен квалитет, но двајца Французи работат на промена на овој имиџ.

Винсент Муроу и Семјуел Марута се сопственици на „Мароу“, фирма што продава чоколадо од Виетнам, нешто што, како што велат, се случува за прв пат во светската историја.

„Мароу“ започна да функционира во 2011-та година и процесира меѓу 10-20 тони зрна годишно. Собирани се од околните провинции по што се преработуваат во нивната мала фабрика за чоколадо во предградие на градот Хо Ши Мин.

Мароу и Марута велат дека соработуваат со земјоделци од пет провинции.

Марката веќе доби големо внимание во Франција, а причината за ова се бара во минатото. Виетнам бил француска колонија.

Франција го претстави какаото во Виетнам кон крајот на 19-от век, во цветот на колонијалното владеење. Дрвјата со зрна какао биле одгледувани околу 20 години, но планот за нивна преработка завршил безуспешно. Марута додава дека тој дури нашол доказ за ова во националната архива во Франција.

Следниот обид беше во 1980-те кога Русија понуди да му помогне на Виетнам да посади вакви дрвја и да ги продава зрната какао. Ова заврши со распадот на Советскиот Сојуз во 1989-та година и речиси сите насади пропаднале.

Повеќето од денешните дрвја биле насадени пред една деценија благодарение на донации или со цел да се спречи уништувањето на шумските површини.

Во моментов, благодарение на иницијативата на двајцата Французи, амбалажата на чоколадото од Виетнам е по сите модерни стандарди. Резултатот е голем хит во Европа, САД, Австралија и Сингапур.

Иако француската врска е интересна за Европејците, Тиболт Сочон, менаџер во хотелот Метропол во Ханои, вели дека приказната не наидува на интерес кај секого.

„Од гледна точка на маркетинг можеби и медиумите во Франција, сметам дека е интересно јавноста да се врати на корените, може да се обликува убава приказна околу ова, но сметам дека Французите се Французи и дека ова не е толку битно“, смета овој експерт.

Тој додава дека во Европа многумина потрошувачи луксузната кујна и производи од земји како Виетнам ги сметаат за егзотични и гламурозни. Сепак, во развиените земји, Виетман важи за извор на евтина храна со низок квалитет.

Што се однесува до Виетнам, жителите не се големи љубители на темното, горко чоколадо што го произведува „Мароу“ и претпочитаат слатко и млечно.

Воедно, производот на „Мароу“ се продава за пет долари по парче и факт е дека многумина Виетнамци не можат да си го дозволат и го сметаат за луксуз.
XS
SM
MD
LG