Линкови за пристапност

Жестока втора дебата меѓу Клинтон и Трамп


Меѓусебните напади преминаа во друго ниво откако Трамп изјави дека ќе отпочне федерална истрага против неговиот ривал.

Жесток втор ТВ-дуел меѓу претседателските кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

На почетокот на дебатата, Трамп се обиде да ги одбрани изјавите обелоденети на видео материјалот од 2005-та година, објавен во петокот, а на кој, тој кажува непристојни коментари за жени. Трамп порекна дека бил дел од неподобни активности, дека е засрамен од изјавите, инсистирајќи дека има огромна почит спрема жените и дека е време да се дискутира за поважни работи.

Тој воедно го обвини сопругот на Клинтон, поранешниот претседател Бил Клинтон, дека има сторено, „многу полоши работи“.

Клинтон кажа дека видео лентата го покренала прашањето за тоа дали нејзиниот ривал е квалификуван да биде претседател.

„Она што чувме и видовме е како Доналд зборува, размислува за жените и што прави со нив. Тој изјави дека видеото не е олицетворение за него. Сметам дека по снимката, на секого му јасно кој е Трамп“, рече Клинтон.

Тери Бајмс, заменик-директор за истражување во Институтот за владини студии на Беркли, вели дека на прашањето за лентата, „Трамп, како и секогаш, има кратки одговори за тоа како ќе ја направи Америка повторно добра. Тој на повеќе наврати не одговори на прашањата како она за здравствена заштита, за хуманитарната катастрофа во Сирија. Сепак, имаше подобар настап споредено со првиот дуел“, изјави Бајмс.

Трамп повторно ја критикуваше Клинтон за тоа што користела приватна електронска адреса за службена коресподенција додека била државна секретарка, по што Клинтон го обвини дека не ја зборува вистината за одредени прашања и повтори дека презема одговорност за таа одлука. Воедно, таа кажа дека не постојат докази дека какви било доверливи информации завршиле во погрешни раце.

„Добро е што некој со темперамент како на Доналд Трамп не е одговорен за правото во нашата земја“, истакна Клинтон.

На тоа, Трамп одговори: „Затоа што ќе одиш во затвор“.

Мајк Давиѕиак, претседател на „Стратешко планирање“ и поранешен советник на претседателот Џорџ Буш постариот, кажа дека таа изјава на Трамп е мошне „силна“ и дека Клинтон испуштила добра прилика да каже дека, „ова е прв пат во една дебата, некој да ми се заканува“.

Кандидатите имаат четири недели да се обидат да ја придобијат поддршката на неопределените гласачи. Во меѓувреме, тие ќе користат тв-реклами, ќе држат говори и ќе се соочат на третата и последна дебата на 19-ти октомври, пред изборите на 8-ми ноември.

XS
SM
MD
LG