Линкови за пристапност

Клинтон и Трамп продолжуваат со жестоката реторика


Демократката денеска е на кампања во Аризона, а републиканскиот кандидат во Флорида

Хилари Клинтон и Доналд Трамп продолжуваат со жестоката реторика, додека најновите анкети и натаму покажуваат дека трката за Белата куќа ќе биде тесна.

За време на говор во Флорида, Клинтон се обиде да го пренасочи вниманието на обвинувањата за несоодветен третман на Трамп кон жените, по неколкудневните критики на Федералното истражно биро (ФБИ) за одлуката повторно да отвори истрага за нејзините електронски пораки.

„Попрво би зборувала на друга тема, но мора да зборуваме за нешто, кое, искрено, е болно. Бидејќи е важно, не може да го игнорираме“, порача таа.

Додека Клинтон продолжи да го напаѓа Трамп за карактерните особини и темпераментот, републиканскиот кандидат за време на говор во Пенсилванија, се фокусираше на законот за здравствено осигурување спонзориран од претседателот Барак Обама. Цената за одредени популарни планови на осигурувањето, познато како Обамакеар, во 2017-та година се очекува да се зголеми за преку 25 проценти.

„Хилари Клинтон сака да го прошири Обамакеар и да го направи уште поскапо. Таа сака владата да има целосна контрола врз здравствениот систем во Америка. Ако не го укинеме законот, ќе ја уништиме здравствената грижа засекогаш. Тоа е една од најважните причини зошто мора да победиме на 8-ми ноември“, истакна Трамп.

Клинтон денеска се наоѓа на кампања во Аризона, каде традиционално мнозинство се републиканци, но се` поголем број граѓани со латино-американско потекло се незадоволни заради ставот на Трамп за имиграцијата и неговата изјава дека ќе се изгради ѕид долж границата со Мексико.

Трамп денеска ќе има три обраќања во Флорида, една од државите каде републиканскиот кандидат мора да победи за да добие 270 гласови од Изборниот колеџ и да стане претседател.

Во меѓувреме, ФБИ објави дополнителни документи од 15-години старата затворена истрага на контроверзното помилување на истакнатиот донатор на Демократската партија Марк Рич, од страна на поранешниот претседател Бил Клинтон.

Рич од САД заминал за Швајцарија, кратко време откако бил обвинет за даночно затајување, и таму се криел неколку години. Пред да биде помилуван, на последниот ден од мандатот на Бил Клинтон, Рич се наоѓал на листата на ФБИ за најбарани лица и во центарот на најголемиот случај за даночно затајување во американската историја.

Контроверзата околу помилувањето произлезе по донациите од поранешната сопруга на Рич, Денис Рич, за претседателската библиотека на Клинтон, во висина од 450.000 долари, како и за кампањата на Хилари Клинтон за место во Сенатот, во висина од 100.000 долари.

Портпаролот на кампањата на Хилари Клинтон, Брајан Фалон, го критикуваше тајмингот на одлуката на ФБИ да ги објави овие документи сега, на една недела до изборите.

ФБИ издаде соопштение во кое вели дека документите биле подготвени за објавување и автоматски се на Интернет, согласно законот. Ако повеќе од три лица бараат документи од Бирото, агенцијата има обврска да ги обелодени на Интернет.

XS
SM
MD
LG