Линкови за пристапност

Tешки економски предизвици за следниот американски претседател


Како да плати за остварување на ветувањата од кампањата

Некои велат дека Американците се сведоци на една од најбескрупулозните претседателски кампањи во поновата историја, и тие повторно ќе можат да здивнат по три недели, кога сето ова ќе заврши.

Но, некои аналитичари велат дека тие гледаат подалеку од изборите. Без разлика кој ќе победи на ноемвриските избори, предизвикот да се раководи со најголемата светска економија во светот ќе биде тешка задача.

Ако се земат предвид ветувањата, вжештената реторика и обвинувањата дека изборите се манипулирани, следниот американски претседател ќе треба да даде неколку објасненија, вели Бил Галстон (поранешен советник во тимот за транзиција на претседателот Бил Клинтон).

„Многу едноставно, изборите носат последици. Тие се силен и веќе подготвен договор со Американците. Ти си вработен да си ја вршиш задачата, и Американците знаат зошто сте вработени, за онаа што е изговорено од вашата уста за време на кампањата“

Ако сте на местото на претседателот Трамп, Галстон вели дека ќе треба да ја објасните вистинската цена на изградбата на ѕидот со Мексико, за која Трамп вели дека ќе чини помеѓу 8 и 12 милијарди долари, но некои тврдат дека ќе чини дури помеѓу 27 и 40 милијарди долари. Трамп вели дека Мексико ќе ја плати сумата, но многу независни аналитичари велат дека тоа е малку веројатно.

Слично на тоа, вели Галстон – Хилари Клинтон ќе треба да држи до своите ветувања во кампањата.

„Таа зборуваше за социјална политика за семејствата и децата. Таа зборуваше за инфраструктури програми. Таа зборуваше за сеопфатна имигрантска политика. Американците ќе бараат одговорност по сите овие прашања.

Како да се финансираат ветувањата од кампањата?

Но според непартискиот Комитет за одговорен федерален буџет, вистинскиот проблем е како да се платат сите овие програми. Претседателката на ова организација Маја Мек Гинис вели дека ниту еден кандидат не сака да зборува за тоа:

„Доналд Трамп на пример вети дека ќе ги поправи програмите за социјална заштита Medicare и Social Security. Хилари Клинтон вети дека нема да ги зголеми даноците на ниту едно семејство кое заработува помалку од 250,000 долари годишно. Тоа звучи убаво, но ако таа потроши толку колку што сака – нема да може да го поправи проблемот ако воведе даноци само на богатите.“

Раст на задолжувањето

Настрана од замрзнатите плати и јазот на заработувачката помеѓу богатите и сиромашните, од Комитет за одговорен федерален буџет велат дека најважно економско прашање за следниот претседател ќе биде растот на задолженоста на земјата, кој се претпоставува дека до крајот на фискалната 2016-та година ќе изнесува 20 трилиони долари.

Економистите велат дека сервисирањето на овој долг најверојатно ќе падне на грбот на идните генерации. Според Мек Гинис, претпоставките се дека мнозинството Американци нема да гласаат за кандидат кој ќе ги покачи даноците, но тие не сакаат владата да прекрати со трошењето.

Поделен Конгрес

За правење на тешки одлуки ќе треба силно двопартиско лидерство, нешто кое според Мек Гинис не постои во Вашингтон.

„Имаме сериозни проблеми во оваа земја, но имаме и сериозни можности, но онаа што го немаме се две партии кои работат заедно и се договараат на начини кои го помагаат развојот. Си пречиме самите.“

Исто така постои прашањето на еродираната доверба заради изборниот циклус, за кој еден од кандидати вели дека е манипулиран од почеток. На крај растот на политичката недоверба кај гласачите и неможноста да се заврши работа во Конгресот, може да се покаже најголем предизвик за следниот американски претседател.

XS
SM
MD
LG