Линкови за пристапност

Ја повика Русија да ги повлече силите од Абхазија и Јужна Осетија

Американската државна секретарка повторно ја повика Русија да ги повлече силите од двете отцепени републики од Грузија.

Хилари Клинтон денес се сретна со грузискиот државен врв во туристичкиот центар Батуми на Црното Море за да разговара за безбедносни и политички прашања. Таа кажа дека САД и натаму цврсто ги поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија.

„Ја отфрламе руската окупација и милитаризација на грузиската територија и ја повикуваме Русија да ги исполни обврските согласно договорот за прекин на огнот од 2008-ма, што вклучува повлекување на нејзините сили на позициите пред судирот, како и непречен пристап за хуманитарната помош“, рече Клинтон.

Руските сили и натаму се наоѓаат во Абхазија и Јужна Осетија. Овие покраини прогласија независност од Грузија по кусата војна во 2008-ма меѓу Грузија и Русија. Тие не се признати од меѓународната заедница како автономни републики.

Клинтон по средбата со грузискиот премиер Ника Гилаури кажа дека клучот за иднината на Грузија е да ги консолидира демократските придобвики за да се приближи до Европската унија и НАТО, особено со парламентарните избори годинава и предизборната претседателска кампања наредната година.
XS
SM
MD
LG