Линкови за пристапност

ОН: Глобалното затоплување е предизвикано од човекот


Панел-група на ОН се надева дека ова наоѓање ќе ги натера владите да преземат акција.

Научниците велат дека се посигурни од кога и да е порано дека човекот е главниот причинител за глобалното затоплување.

Според владин панел одговорен за климатските промени, има огромна веројатност, или 95%, дека глобалното затоплување е предизвикано од луѓето. Во својот најнов извештај во 2007-та година, панел на ОН истакна дека на вината на човекот отпаѓаат 90%.

Американскиот државен секретар Џон Кери најновиот извештај го нарече уште еден „повик за будење“. Тој подвлече дека оние кои ги порекнуваат научните истражувања или избираат изговори наместо акција, си играат со оган.

Ко-претседавачот на панел групата што го изготви најновиот извештај изјави дека атмосферскиот притисок и температурите на водата во океаните одат по нагорна линија. Снегот и мразот се топат, глобалното ниво на морските површини се зголемува, исто како и концентрацијата на штетни гасови во атмосферата.

Панел-групата на ОН предвидува дека глобалните температури и нивото на морските површини овој век ќе продолжува да расте. Исто така треба да се очекуваат и дополнителни топлотни бранови, суши и поплави. Експертите предупредуваат дека одредени резултати на глобалното затоплување ќе траат и по постоењето на сегашните генерации.

Проценките на оваа група експерти се битни бидејќи формираат научна основа за преговорите на ОН за нов договор за климатски промени. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кажа дека извештајот ќе биде „суштински“ за меѓувладината соработка за финализирање на договорот во 2015 година.
XS
SM
MD
LG