Линкови за пристапност

Политиката пред науката во дебата за глобалното затоплување


Политиката пред науката во дебата за глобалното затоплување

Политиката пред науката во дебата за глобалното затоплување

Во значаен извештај од 2007-ма, Меѓувладин панел на ОН за климатски промени официјално кажа дека глобално затоплување се случува и дека главната причина е човечка активност од 1950-та. Сепак и покрај големите научни докази последните истражувања на јавно мислење покажуваат намалување на бројот на Американци кои веруваат дека глобалното затоплување е закана или дека е индуцирано од луѓето. Од каде оваа дилема?

Запрашан од гласачите на неодамнешна кампањска турнеја во Њу Бедфорд, Њу Хемпшир, тексашкиот гувернер и водечки кандидат за претседателска номинација од Републиканската партија, Рик Пери, вака одговорил за глобалното затоплување:

„Да, климата е променета. Се менува откако настанала земјата. Но не верувам во наоѓањето на некои научници за кои се знае дека ги манипулирале податоците“.

Пери не е единствениот кој изразил сомневање за науката на климатското затоплување. Минатата година истражување на Галуп нашло дека меѓу 2007 и 2010, бројот на Американци кои веруваат дека глобалното затоплување е закана, паднал од 64 на 55 проценти. И бројот на оние кои кажале дека човечката активност е одговорна за тоа паднал од 61 на 50 проценти за истиот период.

Зошто толку многу Американци не и` веруваат на науката? Професорот по историја од Калифорнија, Наоми Орескес, го истражува тоа прашање во „Трговци со сомнежот“, што ја напишала во коавторство со историчарот на науката Ерик Конвеј. Нивната теза е како што вели поднасловот на книгата: „Како мала група научници ја замагли вистината по прашања од чадот на цигарите до глобалното затоплување“.

Приказната започнува пред педесет години во индустријата за тутун, со соопштение од медицинските истражувачи дека катранот од цигарите предизвикува рак. Орескес вели дека лидерите на индустријата се плашеле од финансиската штета што ова може да ја направи на нивните лукративни производи и се обратиле на фирма за односи со јавноста да го замагли прашањето и да ја смени приказната.

„Тие се договориле да употребат многу изјави кои кога би се искористиле поединечно не би биле невистинити, но кога ќе се стават заедно креираат неточна слика. Тоа е исклучително паметна стратегија зашто идејата е да не се каже дека тутунот е безбеден, туку дека – не знаеме со сигурност.

Индустријата за тутун финансирала студии и регрутирала угледни научници да го стават својот авторитет во служба на овие сомнежи. Но Орескес вели дека експертиза на научниците не била јавно задравје, туку ракетна наука и оружје.

Орескес вели дека истата група научници подоцна заедно работела во Вашингтон да се справат со советската закана. Кога завршила студената војна, тие вниманието го свртеле кон нова закана: со радикален поглед на животната средина.

„Тие сметаат дека се работи за преувеличување на прашања за животната средина од политички причини. Бидејќи тие се плашат оти таквите прашања, како глобалното затоплување, може да се употребат како изговор за проширување на моќта на владата, проширување на регулативата, проширување на владината контрола во врска со пазарот и заради сето тоа може да значи паѓање во социјализам“, вели Орескес.

Орескес во книгата тврди дека сегашната дебата за климатски промени не е за физичкото затоплување на планетата, што е добро поткрепено со научни докази, туку заради политиката. Ова објаснува, вели таа, зошто американскиот Конгрес го отфрлил планот што ќе ставеше лимит на емисијата на јаглерод што ја менува климата.

Така размислува и Рик Пери, републикански кандидат за претседател. Тој не смета дека државата треба да се ангажира во трошење пари за нешто што се` уште научна теорија и се` уште дискутабилна.

Но, дебатата треба да се води на рамно поле, смета Наоми Орескес. Науката не е за мислења, туку за докази. Ако истражувачка група тврди дека глобалното затоплување не е реално или предизвикано од човекот, тогаш, таа вели – тие треба тоа да го докажат.

Во „Трговци со сомнеж“ авторката пишува: „Кисели дождови, пасивно пушење, уништување на стратосферичкиот озон и глобалното затоплување се реални проблеми. Вистинското прашање е како по нив да се постапи. Негирањето на вистината не прави тие да исчезнат“.

XS
SM
MD
LG