Линкови за пристапност

Белците во САД ќе го загубат мнозинскиот статус до 2043-та


Проценка на Пописното биро за периодот 2012-та -2060-та.

Американската влада проценува дека до 2043-та, белците во земјата повеќе нема да бидат мнозинство.

Новобјавената статистика на Пописното биро индицира и дека населението во САД до 2060-та ќе биде значително постаро и етнички поразновидно. Прогнозата за периодот 2012-та - 2060-та се базира на податоците од пописот во 2010-та.

Населението до 2060-та треба да нарасне на 420 милиони. 43% ќе бидат белци. Населението од латиноамериканско потекло, кое во моментов изнесува 17%, ќе нарасне на 31%, а афроамериканско од сегашните 13,1% ќе скокне на 14,7%.

Високиот наталитет меѓу малцинствата, особено меѓу Латиноамериканците кои дошле во САД во екот на имиграциониот бум 1990-тите и раните 2000-ти, има најголем удел во зголемената расна разновидност во земјата.

Белците (не вклучувајќи ги лицата од латиноамериканско потекло) во моментов бројат 197,8 милиони и се очекува до 2024-та да го минат прагот од 200 милиони, по што ќе уследи период на константно опаѓање, поради стареењето на бејби-бум генерацијата, родена по Втората светска војна.
XS
SM
MD
LG