Линкови за пристапност

Пописот во Македонија не може да продолжи

  • Синиша Станковиќ

Пописот во Македонија не може да продолжи

Пописот во Македонија не може да продолжи

Државната пописна комисија извести дека пописот не се очекува да даде релевантни податоци, заради што е суспендиран

„Државната пописна комисија на вечерашната седница констатираше дека не се исполнети основните услови за натамошна реализација на пописот. Во најголема мера ова се однесува на нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со ЕУРОСТАТ, во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година“, стои во известувањето на Државната пописна комисија, испратено во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, во кое се констатира дека не може да се продолжи со реализацијата на најголемата статистичка операција во државата.

Поради тоа што пописот „нема да може да резултира со релевантни податоци и што Комисијата не може понатаму да ги исполнува своите законски обврски“, поднесува седница на ДПК, сите нејзини членови поднеле неотповиклива оставка и со известувањето се повикуваат и им се препорачува на сите учесници во пописот 2011 да ги сопрат сите идни активности поврзани со пописот на граѓаните и на домаќинствата.

Иако во понеделникот портпаролот на ДПК изјави дека најголемиот дел од проблемите се во фаза на надминување, како и дека на пет дена пред крајот на пописниот рок се попишани околу 55 отсто од граѓаните на Македонија, или повеќе од еден милион лица, само ден пред долго очекуваниот Извештај на Европската комисија во седиштето на ЕУ во Брисел, Македонија доживува нов скандал.

Иако од Извештајот на ЕК се очекуваше повторување на препораката за почеток на преговорите за прием во ЕУ и нотирање на постигнувањата, но и набројување на сферите каде не е постигнат доволен напредок, сепак, претставниците на власта и медиумите под нејзина контрола се досега ја подгреваа оптимистичката атмосфера. Но, скандалот со долго очекуваниот и веќе еднаш пролонгиран Попис 2011, најавен уште со оставката на експретседателката на Комисијата Весна Јаневска, и нејзината оценка дека претстои голем пописен фалсификат, може да има влијание врз понатамошните оценки за напредокот на Македонија во евроинтеграциите и за нејзината ограничена способност да функционира во сите сфери на општественото живеење.

И додека пописната комисија во Битола го негираше портпаролот на ДПК дека и овој град е еден од ризичните, излегувајќи со податок дека се попишани околу 40 проценти од граѓаните и дека и покрај пробивањето на рокот за пописот, таму операцијата би можела да биде завршена со неколкудневно задоцнување, за најпроблематичната точка – Тетово, остануваат недемантирани податоците дека досега се попишани само околу 8 отсто од граѓаните, што е последица и на спротивставениот став на партиите на етничките Албанци околу можноста да се споведе релевантен попис на нселението. Ова главно се однесува на проблемот со „етничкиот“ пристап и со непремостливите разлики во толкувањето на Законот за попис, како и со „нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика“, зашто политичките претставници на етничките Албанци, пред се` оние во власта, од Демократската унија за интеграција, не го прифаќаа законското решение и инсистираа да се попишуваат сите граѓани во странство, што на терен се рефелектираше и со примери на попишување дури и со фотокопии од лични документи.

Затоа, според претседателката на ДПК Слободанка Гиевска, која функцијата ја презеде пред самиот почеток на операцијата, сите членови заеднички констатирале „дека она што беше предизвик изминатите денови, а тоа е усогласено толкување и примена на Законот за попис, сепак, може да влијае на релевантноста на пописот. Ова е решението кои ние можеме да го понудиме. Не можевме да констатираме кој е бројот на оние учесници што не го почитувале доследно Законот, односно методологијата, но од извештаите од теренот констатиравме дека усогласеноста не вроди со плод. Оставки, ова е најдоброто решение од овој состав на Комисијата“.

Нејзиниот заменик Бујар Османи пак, смета дека „Владата треба да го прекине процесот. Со именувањето на нови членови на ДПК нема да се реши ништо, бидејќи разликите не се само во Комисијата, туку и на терен“.

Според првите непотврдени информации скандалот со прекинатиот попис ќе ја чини државата околу 14 милиони евра.

XS
SM
MD
LG