Линкови за пристапност

Расте бројот на барателите на азил од Балканот во ЕУ


Можно суспендирање на слободниот визен режим, вели Комесарката за внатрешни работи и правда Сесилија Малстром

Најновиот извештај на Европскиот центар за азил вклучи сигнал за аларм меѓу земјите членки на ЕУ. Извештајот за 2013-та година покажува зголемување на бројката на баратели на азил во ЕУ од граѓани на трети земји.

Според податоците на Европскиот центар најголем број на барања за азил во 2013 година стигнале од државјани на Русија. На трето место на оваа листа е Србија од која во ЕУ пристигнале 18.000 граѓани со барање за азил. На петтото место на оваа листа е Македонија од каде што во 2013 стигнале 11.065 лица со барање да добијат статус на азиланти. Во првите пет земји се и Авганистан и Сирија.

Во ЕК изразуваат загриженост што бројката на баратели на азил од земјите од Западен Балкан со кои се овозможи безвизен режим од година во година се зголемува. Во 2012-та имало 43.275 барања за азил, а во 2013-та тие барања се зголемиле на 52.516.

Најголемиот број на граѓани од Балканот со барања за азил се упатуваат во Германија. Од 11.065 барања за азил од Македонија дури 9.415 завршиле во Германија.

Комесарката за внатрешни работи и правда Сесилија Малстром изрази загриженост поради ваквиот тренд и не ја исклучи можноста земјите членки на ЕУ на есен повторно да ја разгледаат можноста за воведување на суспензивните мехенизми на слободниот визен режим.

Таа нагласи дека во земјите од Западен Балкан треба да се вложи повеќе за подобрување на условите во кои живеат припадниците на ромската заедница. ЕК соопшти дека комесарката е во постојан контакт со земјите од Западен Балкан и соработува со нив во обид да се придонесе кон подобрување на социјалните услови на припадниците од ромската заедница од каде што доѓаат и најголемиот број на баратели на азил.

Во ЕУ во 2013-та година пристигнале 436.705 граѓани од целиот свет со барање да добијат статус на азиланти во земјите членки на ЕУ.

XS
SM
MD
LG