Линкови за пристапност

Трендот започнал во Азија во 1990-те години, а Калифорнија е првата држава во САД каде кафето можете да го уживате во друштво на мачки.

Многумина одат во кафуле за својата дневна доза кафеин. Но во Калифорнија со тоа можете да добиете и доза на љубов од мачки.

Кафулиња за мачки, каде посетителите можат да се релаксираат, да пијат чај или кафе и да се дружат со мачки, за прв пат биле отворени во Азија во 90-те години, а сега ги има и во Европа. Во САД првото вакво кафуле се отвори минатата година во Окланд.

Покрај кафето, овде се нудат и слатки и други печива со тематика на мачки, а во соседна просторија се чуваат дваесетина мачки. Зоната на мачките е со весели бои. На ѕидовите има мурали, со мотиви поврзани со овие миленичиња, удобни столици и фотелји. Повеќето од мачките спијат или уживаат до прозорците. За мала влезница, посетителите можат да минат еден час со мачките во ова кафуле со име „Град на мачките“, да си играат со нив, да ги милуваат или само да ги гледаат.

Алан за својот син Калеб, вели:

„Ужива да си игра со нив. Каде што живееме, не можеме да чуваме мачка и не сме му донеле никво домашно милениче. Затоа, ова е убава можност за него“.

Мајк Делука пак сакал да посвои мачка за синот на неговата девојка, Мајкл. Токму во оваа кафетерија го нашле Џунипер. „Се вљубивме во мачките“, вели Мајк, „имаат одличен избор, а вработените се многу пријатни“.

Ова е една од разликите меѓу кафулето „Град на мачките“ и сличните во Азија и Европа, каде мачките се постојани „жители“ на локациите. Адам Мијат кој заедно со Ен Дан започнале со бизнисот во октомври минатата година, вели дека во кафулињата се можност да им се помогне на мачките скитници. Дан пред четири години отворила и спасувачки центар и оттогаш наваму згрижила стотици мачки-бездомници.

Така, спојување на луѓето со мачките станало дел од мисијата на ова кафуле. Во засолништата за животни во САД, годишно се врши еватаназија на милиони кучиња и мачки. Благодарение на „Градот на мачките“ и другите спасувачки центри, како и агресивните кампањи за стерилитет, бројот на мачки погубувани во засолништата во Окланд е опаднат на 20 проценти, споредено со 40 проценти пред четири години.

Популарноста на трендот расте, а примерот на „Градот на мачките“ почна да се следи и во Њујорк, Денвер, Сан Диего и Портланд, Орегон.

XS
SM
MD
LG