Линкови за пристапност

Карсон „под лупа“


Стоејќи на врвот на републиканската листа за претседателски кандидати заедно со Доналд Трамп, Бен Карсон привлекува големо внимание кај медиумите.

Кандидатот за претседател од Републиканската партија, Бен Карсон, во неделата изјави дека е повеќе следен во споредба со останатите кандидати кои се борат за номинација од нивната партија, заради заканата што тој ја претставува за „секуларно, напредно движење во земјата“.

Карсон се крена на врвот од листата на претседателски кандидати за изборите во 2016-та година, каде е заедно со бизнисменот со недвижнини Доналд Трамп, со инспиративната приказна за неговото тешко детство во Детроит, Мичиген, до успешна кариера како неврохирург.

Медиумите последниве денови се фокусирани на неколку приказни од автобиографија на Карсон „Надарени раце“ наоѓајќи дека многу од тврдењата во книгата се тешко проверливи.

Телевизијата ЦНН не беше во можност да најде некој кој ќе го потврди кажувањето на Карсон дека се обидел да нападне со нож пријател и дека ја удрил мајка си со чекан.

Весникот „Вол Стрит“ изјави дека часот наречен „Перцепција 301“ не постоел во времето кога Карсон бил студент на Универзитетот Јеил и ги поби тврдењата на Карсон дека тој бил единствениот студент кој не заминал откако му било кажано дека треба повторно да го направи тестот. Овој дел исто така го става под знак прашање неговото сеќавање за средношколските денови, вклучувајќи го неговото кажување дека ги заштитувал белите студенти за време на расното безредие.

„Политико“ изразува сомнеж за веродостојноста на често повторуваните тврдењата на Карсон дека му била понудена целосна стипендија во американската Воена академија во Вест Поинт, велејќи дека институцијата не нуди стипендии затоа што школувањето е бесплатно.

Карсон во емисијата „Оваа недела“, на АБЦ телевизијата исто така во неделата, изјави дека на Интернет страницата на Вест Поинт, тие го користат изразот „стипендија“ и затоа тој смета дека не направил грешка употребувајќи го овој збор во минатото, кога зборувал за понудата од армиските службени лица, кои кога бил млад му предложиле да му дадат „целосна стипендија“ во академијата.

Карсон, во неделата, го повтори своето гледиште дека нивото на проверки на кое тој е изложен, никогаш не било случај со никој кој се номинирал за претседател, вклучувајќи го и Барак Обама.

„Секогаш сум велел дека очекувам да бидам под лупа, но ова не му се прави на никој друг“, кажа тој на емисијата „Средба со печатот“ на НБЦ телевизијата.

Неговиот ривал Доналд Трамп кој беше гостин на четири политички емисии во неделата, продолжи да поставува прашања за минатото на Карсон, нарекувајќи ги приказните на Карсон „чудни“. „Тој ќе треба многу нешто да објасни“, кажа Трамп на емисијата „Средба со печатот“ на НБЦ.

XS
SM
MD
LG