Линкови за пристапност

Ветувачки третман на рак на панкреас


Американските истражувачи може да откриле нов приод за третирање на вид на рак што упорно даваше отпор на најголем дел на терапиите. Истражувачите известуваат за успех на овој приод во тестирање на глувци.

Третманот на многу видови рак е подобрен изминативе години, со еден голем исклучок – ракот на панкреас.

Овој вид рак има најголема едногодишна и петгодишна стапка на смртност од сите други видови рак, вели

Санил Хингорани од Истражувачкиот центар за рак Фред Хачинсон, во Сиетл. Тоа, вели, било голема загатка во проучувањето на ракот на панкреас. Моќните лекови на хемотерапија што ги убиваат клетките на рак на панкреас во лабораториски услови, речиси немале дејство кај живи пациенти со овој вид рак.

Научниците набљудувале како туморите на панкреасот, ефективно се покривале во колагенов материјал сличен на лузна. Тоа става притисок на крвните садови што го напојуваат туморот, колабирајќи многу од нив и ограничувајќи го не само протекот на крвта туку и спроведувањето на лековите за хемотерапија.

„Така, на овој начин, туморот всушност комплетно се изолира себе си од циркулацијата, и кога се обидуваме да дадеме лекови преку вена тие практично го заобиколуваат туморот и одат на друго место“, вели Хингорани.

Така, проблемот може да не е во ефикасноста на лековите, туку во тоа што едноставно лекот не може да стигне до туморот.

За тоа да го открие Хингорани и неговите колеги користеле глувци генетички конструирани за да служат како човечки пациенти со рак на панкреас. Ги третирале со стандардни лекови за хемотерапија (gemcitabine) плус ензим (PEGPH20) дизајниран за отварање на колабирани крвни садови што го напојуваат туморот.

„Најдовме дека практично кај секое животно што го тестиравме, туморот се намалил или барем престанал да расте. Најдовме и дека целокупното преживување се зголемило за околу 70 проценти – што е близу двојно зголемување.

Се разбира, тоа што функционира кај глувците не значи дека ќе функционира и кај луѓето, заради што истражувачите започнале тестови на луѓе. Хингорани вели дека е оптимист, но предупредува дека ќе мине година или две пред резултатите од тестовите на луѓе да бидат достапни.

Но, ако се` излезе како што се надеваат научниците, не само што хемотерапијата ќе биде поефикасна, туку може да има и помалку лоши нус-појави. А тоа од причини што повеќе од лековите ќе доаѓаат до туморот и лекарите ќе можат да користат помалку од тие силни лекови.

Новиот третман е опишан во журналот „Cancer Cell“.

XS
SM
MD
LG