Линкови за пристапност

По масакрот во Калифорнија многу прашања неодговорени


Ова е 355-ти пат оваа година повеќе од четири лица да се убиени во сличен инцидент

Властите велат дека се` уште не знаат што го навело Сaeд Ризван Фарук и неговата сопруга Ташфен Малик да отворат оган во Сан Бернардино, Калифорнија, и да убијат 14 лица и ранат дваесет и едно, на празнична забава во агенција за социјални услуги.

Извештаите велат дека Фарук ја напуштил забавата по вербален конфликт со колега. Тој и неговата сопруга подоцна се вратиле на забавата вооружени со полу-автоматски пушки и пиштоли.

Полицијата пронашла 12 импровизирани бомби, материјали за изработка на бомби и илјадници ремени муниција во нивниот стан.

И двајцата се убиени за време на престрелка со полицијата во Сан Бернардино, во соседство блиску до работното место на Фарук. Неговите колеги го опишуваат како човек со благ темперамент.

Началникот на полицијата на Сан Бернардино, Џарод Бурган вели дека брачниот пар испукал 75 куршуми и оставил играчка-кола на локацијата на која имало прицврстено три импровизирани бомби коишто не експлодирале.

Фарук бил роден во Чикаго и работел како државен здравствен инспектор. Неговата сопруга била од Пакистан и престојувала во САД со вереничка виза. Немале криминално досие и не биле на листата на набљудување. Имаат шестмесечно бебе.

„Го уверувам американскиот народ дека ќе дознаеме за што се работи“ изјави претседателот Барак Обама. Обама, полицијата и Федералното биро за истрага не ја исклучуваат можноста за тероризам.

Помошник-директорот на ФБИ во Лос Анџелес, Дејвид Бодик, вели дека е јасно оти масакрот бил планиран.

После нападот, брачниот пар избегал во возило кое е забележано од полицијата по што веднаш се постапило. Полицајците испукале околу 400-тини куршуми и двајцата биле убиени на лице место. Двајца полицајци се полесно повредени.

Муслиманската заедница во САД е затечена од настанот.

„Има голема вознемиреност во американско-муслиманската заедница“, вели Нихад Авад, раководител на Советот за американско-исламски врски.

Авад кажа дека голем дел од времето тој сега го минува одговарајќи на телефонски повици од загрижени родители за безбедноста на нивните деца и можна одмазда.

Ова масовно убиство е најлошо во САД по масакрот во училиште во сојузната држава Конектикат во 2012-та година, кога ментално болно лице уби 26 деца и наставници. Ова исто така е 355-ти пат оваа година повеќе од четири лица да се убиени во сличен инцидент и оправдано се очекува тоа да додаде на жестината на дебатата за контрола на оружјето во САД

XS
SM
MD
LG