Линкови за пристапност

Искршена поставената плоча за Мара Бунева


Дали организаторите на настанот имале дозвола за поставување на обележјето?

Како и во претходните случаи, неколку часа по поставувањето, ноќта меѓу неделата и понеделникот, непознати сторители ја искршиле спомен-плочата за Мара Бунева, поставена на Кејот на Вардар од страна на Бугарскиот културен клуб од Скопје, во присуство на околу двесте гости од Бугарија.

Според македонските медуими, полицијата излегла на терен и извршила увид на местото на настанот, но останува отворено прашањето, дали организаторите на настанот, што беше потенциран како нов предизвик за македонско-бугарските односи, имале дозвола за поставување на плочата во спомен на контроверзната тетовка, па сторителите вандализирале спомен-обележје, или пак се работело за самоволно поставување?

Иако во медиумите беше коментирано дека за да се постави спомен-обележје е потребна дозвола од локалните власти (општинските и градските), Неделчо Крстевски од Град Скопје ни изјави дека според законите за локална самоуправа и за Градот Скопје, издавањето дозволи за спомен-обележје не е во нивна надлежност. Во скопската Општина Центар, пак, ни соопштија дека во конкретниот случај немало ни барање за дозвола за поставување на спомен-плочата, па дозвола не ни можела да биде издадена. Конкретното обележје не е превидено со урбанистичкиот план, немало ни барање за внесување во планот, па, според тоа, поставувањето на плочата е изведено самоиницијативно од организаторите на настанот, без адекватна дозвола.

Вчера, еден од присутните настанот, Митко Георгиев, кој говорел како „претставник на Бугарите во Македонија“, за A1 Он изјави дека постојат обиди да се минимизира делото на Бунева и праша зошто власта поставува споменик на цар Душан кој, според него, бил окупатор, Тој изјави и дека владејачката партија не сакала да остави поменот или одбележувањето на 86 години од смртта на Бунева да помине мирно, и дека биле испратени провокатори за да се исценира проблем.

„Разни луѓе пратени од четничко-удбашката формација ДПМНЕ се надвор за проблеми. Македонија, или поточно, раководството предводено од Никола Груевски, ќе направи се`, земјава да не влезе во ЕУ и НАТО, со што ќе ги исполнува српско-грчките интереси на Балканот“, изјави Георгиев.

За обвинувањата коментар побаравме од портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, но тој не одговори на испратената порака и не беше достапен на мобилниот телефон.

На вчерашното поставување на плочата за Бунева, како личност која „херојски загинала во борба со српскиот окупатор“, реагираше Светскиот македонски конгрес СМК). Според соопштението објавено на страницата на македонските иселеници во Австралија, www.falanga.com au, претседателот Тодор Петров напишал дека СМК го поздравува секое чествување на датуми, настани и личности од културата и историјата на Македонија и Македонците, во Републиката и светот, но неприфатливо е доколку тоа се врши на антимакедонски основи!

„СМК смета дека собир, во организација или на кој учествуваат странци, на територијата на Република Македонија, мора да биде одобрен со упатство за однесување, од надлежното Министерство за внатрешни работи, по претходна пријава на организатор, содржина на собирот, број на учесници, време и место на неговото одржување. СМК го смета за кривично дело неовластеното поставување на споменици и спомен-обележја надвор од постапката утврдена со закон“, стои во пренесеното соопштение.

Во него понатаму се наведува дека „за СМК и македонската историографија е неспорно дека Мара Бунева е Македонка, родена во Тетово, во Македонија, во 1902 година, која по налог на ВМРО, како саможртва, на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител во Скопје Велимир Прелиќ, во близина на Камениот мост на кејот на реката Вардар, како дел од отпорот против српскиот терор и окупација врз Македонците и Македонија, во времето на Кралството на Србите Хрватите и Словенците. Односно, како одмазда за големиот судски процес во 1927 година против 20 македонски студенти во Скопје кои биле членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација, основана во 1923 година во Виена“.

Но, став на СМК е дека „парадата на организаторите за наводно чествување на Бунева на кејот на Вардар, не е поради почитта кон оваа Македонка и нејзиното дело во 1928 година, туку претставува груба демонстрација на бугарската агресија врз историјата и територијата на Македонија и Македонците кои ги признава како Бугари, што е спротивно на доборососедските односи на Бугарија со Македонија и на политиките на НАТО и Европската Унија!“.
XS
SM
MD
LG