Линкови за пристапност

Седум години затвор за лидерот на Обединети за Македонија


Седум години затвор за лидерот на Обединети за Македонија
Седум години затвор за лидерот на Обединети за Македонија

Заврши првиот дел на контроверзниот судски процес против Љубе Бошкоски: судот го казни со седум години затвор за две кривични дела – злоупотреба на службената положба и примање на нелегални пари за финансирање на предизборната кампања.

Лидерот на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој во кампањата за последните парламентарни избори јавно ја обвинуваше својата поранешна партија ВМРО-ДПМНЕ во која подолго од деценија беше еден од најистакнатите членови и особено го прозиваше за криминал актуелниот премиер Никола Груевски и неговите блиски роднини, денес беше осуден од Кривничниот совет на Основниот суд Скопје 1, предводен од судијката Радица Васиљевска на седум години затвор.

Крајно контроверзниот „Случај Кампања“, така ја доби својата разврска во првата инстанца, и иако во медиумите изминатите денови веќе се лицитираше дури и со бројот на години со кои на Бошкоски ќе му биде пресудено под политички притисок на актулената власт (наводно - осум години затвор), денешната висока казна беше сепак изненадување за бројните набљудувачи на судењето. Сопругата на Бошкоски, Виолета, која беше негов главен поддржувач и за време на судењето во Хаг, кое заврши со ослободителна пресуда за популарниот „брат Љубе“, и која најавуваше во претходните настапи во медиумите дека Бошкоски е однапред осуден и без пресуда, по изрекувањето на казната изјави дека не очекува промена на одлуката ни од повисоките инстанци, од Апелациониот или од Врховниот суд, затоа што, според неа, и тие се под притисок на власта во Македонија. Таа потенцираше дека се надева оти пред меѓународните судови Бошкоски ќе успее да ја докаже својата невиност.

Судот го одби барањето на одбраната, Бошкоски да се брани од слобода до правосилноста на пресудата, со аргумент дека Бошкоски е и хрватски државјанин, па постои можност да ја напушти Македонија, а еден од адвокатите на Бошкоски најави жалба на пресудата.

Реагираше и опозциониот СДСМ, според кого, денешниот ден е „срамен ден за макеоднското судство и смртна пресуда за правната држава“. Според потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска-Данева, пресудата на Бошкоски ги надминува и најцрните диктаторски режими во светската историја, а „Македонија со Груевски е единствената држава во Европа каде постојат политички затвореници“.

Според Павловска–Данева, режимот на Груевски не може сите да ги затвори и не може сите да ги замолчи: „Наместо правна сигурност и еднаквост пред законите, во Македонија владее селективна правда и изживување врз политичките неистомисленици. Денес му дојде редот и на Љубе Бошковски. Љубе беше ослободен од судот во Хаг, но Груевски по секоја цена реши да го затвори“.

На обвинувањата на опозицијката ВМРО–ДПМНЕ испрати соопштение со контрареакција: „Ако некој излегува во јавноста со политички ставови, не значи дека е политичар додека не добие легитимитет од народот. А уште помалку дека може да прави незаконски работи и да се крие зад политиката“.

Бошкоски беше уапсен во спектаклурана полициска акција пред ТВ камери, само ден по парламентарните избори на 6 јуни и оттогаш е во притвор. Денешната неправосилна пресуда му е изречена поради наводна злоупотреба на службената положба и за примање на нелегални пари за финансирање на кампањата, со единствена затворска казна за двете кривични дела од седум години.

По ослободителната пресуда на судот во Хаг, при враќањето од затворот во Шевениген, каде Бошкоски беше еден од двајцата Македонци обвинети за злосторства во текот на конфликтото во 2001, него на скопскиот аеродром со прегратки и бакнежи го дочека тогашниот и сегашен премиер Груевски. Во тој период, членовите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ за Бошкоски ја пееја и песната во која се вели: „Еј вие душмани и предавници/ не го валкајте името на Љубе Бошкоски/ што е чист Македонец - прав војвода/ па е трн во очите и на Европа/ тој ја брани својта родна земја Македонија/ што има таква сила непобедлива“.

XS
SM
MD
LG