Линкови за пристапност

Балканот има малку опции


Џејмс Кирчик, автор на книгата „Крајот на Европа: диктатори, демагози и мрачниот период кој следи“ истражува зошто оптимизмот за ЕУ опаѓа

Авторот Џејмс Кирчик во неговото најново дело се обидува да даде одговор на прашањето зошто оптимизмот за Европската унија опаѓа, не само кај земјите аспиранти за членство, туку и кај земјите членки.

Тој вели дека проблемот е повеќеслоен, и континентот се соочува со повеќе негативни трендови истовремено.

Либералната демократија во некои земји се заменува со национална демократија како што е случајот со Унгарија. Европа се соочува со безбедносни предизвици во блиското опкружување, Блискиот Исток и Северна Африка, а недостасува и централна економска политика, која ќе го поттикне растот.

Како одговор, кажа Кирчик, Велика Британија реши да ја напушти унијата, а другите членки имаат различни погледи:

„Ние претпоставуваме дека земјите од Источна Европа ќе се држат до агендата на Европската унија. Но изгледа дека тие се држат само до економскиот аспект, слободната трговија, отворените граници. До она кое носи бенефиции за нивните земји. Не сум сигурен колкав е ентузијазмот за либералната демократија на пример. Мислам дека дури ја потценуваме појавата на национализмот, посебно во Полска и Унгарија.“

Исходот од изборите во Франција донесе олеснување за иднината на ЕУ, но тероризмот и невработеноста на младите, кои се главна причина за појавата на популизмот, останаа, вели тој. Освен тоа, загриженост создава и агресивната политика на Русија.

Кирчик е песимист за брзото проширување на Унијата кон Западниот Балканот, но регионот според него нема многу опции:

„Балканот има две цивилизациски опции во моментов. Западната интеграција, Европската унија и земјите од регионот можат да постанат членки на над национална унија, или руската опција. Знаеме каква е руската опција. Русите поддржуваа секакви националистички движења во Европа. Тие сакаат да ги поделат земјите во Балканот според нивните етнички граници.“

Тој додава дека најважно е етничките поделби да бидат надминати и ЕУ и САД треба да бидат јасни што очекуваат од Македонија во процесот на евро-атлантските интеграции.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG