Линкови за пристапност

Тројца загинати во експлозија во плинска фабрика во Богданци

  • Соња Трајковска

Пронајден хард-дискот од компјутерот којшто бил поврзан со безбедносните камери

Богданци денеска е најтажното место во Македонија. Тројца жители на селото Ѓавато загинаа, а двајца се повредени, од кои едниот потешко, во несреќата којашто рано утрово се случи во „Балкан гас“, фабрика за полнење плински контејнери. Според изјавите на жителите во непосредна близина, околу осум часот и 30 минути силна експлозија го потресла целиот град, иако фабриката е сместена на излезот кон селото Стојаково – прво една детонација, па пламен, а потоа и уште една детонација. Велат дека немо посматрале како еден од повредените во пламен трчал кон реката во близина, барајќи спас, но поради опасноста не можеле ни да се приближат.

Допрва ќе следи и обдукција на телата на трите жртви – мажи, едниот 40-годишен, вториот 43-годишен и третиот на 60-годишна возраст, сите од Ѓавато, село во непосредна близина на Богданци. Двајца од нив биле роднини.

Еден од повредените, поради изгореници од втор и трет степен на околу 25% од телото, е префрлен во Специјалната хируршка болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје.

„Има изгореници на лицето, на рацете и на потколениците. Состојбата на пациентот ќе се следи и поради опасност од развивање респираторни компликации поради вдишување на материите кои експлодирале во фабриката“, вели директорката Јасминка Чабуковска-Радуловска.

Изгорен објект, делови од мали плински контејнери расфрлани во радиус од стотина метри и непријатен мирис е се` она што остана од некогашната фабрика за производство и полнење на плински контејнери за домаќинство.

Никој засега не ја знае причината за експлозијата во, како што ја нарекуваат, Плинарата. Јавното обвинителство од попладнево започна истрага којашто треба да открие дали навистина искра е причината за трагедијата. Обвинителката од Гевгелија, Василка Садикова Ковачева, во куса изјава за медиумите единствено потврди дека е пронајден хард-дискот од компјутерот којшто бил поврзан со безбедносните камери.

Она што официјално се знае е дека во моментот на експлозијата, во првата смена имало петмина работници.

„Експлозијата се случила околу 8.30 часот. Се работи за голема трагедија, експлозија со пожар и смртни последици - има тројца жртви и повредени. На самото место пристигнаа противпожарни возила од Гевгелија кои го угаснале пожарот, како и увиди екипи од МВР. Екипа на Судската медицина е задолжена за идентификација на телата“, информираше инспекторот Митко Ташков од Дирекција за заштита и спасување. Оваа изјава откри уште еден момент во оваа трагедија - дека во Богданци, со околу шест илјади жители, нема противпожарно возило, иако малку е веројатно дека дури и да не постоеле тие десетина километри коишто требало да ги поминат противпожарните возила од Гевгелија до Богданци, можело да се направи нешто за да се спречи трагедијата.

XS
SM
MD
LG