Линкови за пристапност

Блинкен ќе вети поддршка за Украина на состанокот на НАТО во Брисел


Запрашан за извештајот на германскиот весник Билд дека САД и Германија тивко го поттикнуваат Киев на преговори со Москва, О'Брајен рече дека Вашингтон нема таква политика
Запрашан за извештајот на германскиот весник Билд дека САД и Германија тивко го поттикнуваат Киев на преговори со Москва, О'Брајен рече дека Вашингтон нема таква политика

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ја истакне тековната поддршка на НАТО алијансата за Украина во нејзината војна со Русија во Европа оваа недела, изјави денес помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајен.

Војната меѓу Израел и Хамас и зголемените тензии на поширокиот Блиски Исток предизвикаа загриженост дека Вашингтон не може да го одржи нивото на воена и дипломатска поддршка што ѝ го дава на Украина од руската целосна инвазија во февруари 2022 година.

О'Брајен, исто така, им рече на новинарите дека Блинкен, кој денес замина за Брисел, ќе ја истакне тековната посветеност на САД и нивните сојузници додека учествува на првиот состанок на ниво на министри за надворешни работи на Советот НАТО-Украина во Брисел.

„Ова е дел од процесот на наоѓање место во Алијансата, за која секогаш велевме дека е иднината на Украина“, рече тој.

О'Брајен рече дека администрацијата на Бајден е уверена дека континуираната воена помош за Украина има двопартиска поддршка во американскиот Конгрес, кој го разгледува барањето за повеќе средства за одбраната на Украина заедно со воената помош за Израел и Тајван.

Запрашан за извештајот на германскиот весник Билд дека САД и Германија тивко го поттикнуваат Киев на преговори со Москва, О'Брајен рече дека Вашингтон нема таква политика.

„Отсекогаш велевме дека ова е прашање на Украина да одлучи“, рече О'Брајен.

На прес-конференција во Брисел денес, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека очекува министрите за надворешни работи на Алијансата „да ја потврдат долгорочната поддршка на НАТО“ за Украина.

Блинкен, исто така, ќе се осврне на зголемената тензија на Западен Балкан, каде што НАТО гледа на зголемување на присуството на војници во услови на тензии во северно Косово, рече О'Брајен, додавајќи дека Вашингтон поддржува да има робусни мировни сили предводени од НАТО во регионот.

Блинкен, исто така, ќе ги претставува САД на состанокот на ОБСЕ во Скопје оваа недела, рече тој.

XS
SM
MD
LG