Линкови за пристапност

Бил Козби обвинет за сексуално злоставување


Обвиненијата се однесуваат на наводно кривично дело сторено во 2004-та врз база на нови докази прибавени во јули 2015-та година, кажа обвинителот.

Обвинителството на американската сојузна држава Пенсилванија поднесе кривична пријава против комичарот Бил Козби во врска со наводен сексуален напад на жена во 2004-та година.

Помошникот заменик јавен обвинител од општината Монтгомери, Кевин Стил, го соопшти ова велејќи дека Козби е обвинет за „тежок телесен и непристоен напад“. Тој забележа дека се работи за кривично дело и дека Козби ќе биде изнесен пред суд во среда попладне.

Ако биде прогласен за виновен тој може да добие казна затвор од 10 години и парична казна од 25.000 долари.

Случајот е поврзан со поранешна вработена во Универзитетот Темпл која изјавила пред полицијата дека Козби ја издрогирал и злоставувал во неговиот дом во близина на Филаделфија.

Во соопштението на канцеларијата на Окружното правобранителство се вели дека жената по инсистирање на Козби, испила три сини таблети со вино и вода, онеспособувајќи ја да се движи или зборува за време на наводниот напад.

Таа го обвини Козби за злоставување во 2005-та година но полицијата во тоа време одбила да постапи.

„Обвиненијата поднесени денес се резултат на нови информации кои се обелоденија на почетокот на јули 2015-та година“ изјави Стил.

78-годишниот Козби ги негираше наводите од многу жени кои го обвинија комичарот за сексуално злоставување и силување.

Најраните наводни инциденти почнале да се случуваат во средината на 1960-тите години и многу од нив биле овозможени со употреба на дрога.

Судски документи покажуваат дека Козби под заклетва признал дека набавувал таблети за да им ги дава на жените со кои сакал да има сексуален однос. Но, тој инсистираше дека овие односи биле со взаемна согласност.

XS
SM
MD
LG