Линкови за пристапност

Децата да живеат заедно, не едни покрај други


Двојазична градинка во Струга, пример за соживот на Македонци и на Албанци

Триесетина дечиња од Струга, на возраст од три до шест години, од албанска и од македонска националност, минуваат по неколку часа дневно заедно.

Се дружат и играат, и што е најважно, уште од рана возраст учат со врсници од друга етничка заедница. Тие се дел од двојазичната група Мозаик, која работи во детската градинка Сонце.

Таму сите песни се учат и на македонски и на албански јазик, а приказните се читаат и на двата јазика. Некои од децата веќе одлично го зборуваат јазикот на другиот.

„Се дружам со моите другари Албанци. Научив многу зборови на албански“,вели еден ученик.

Воспитувачките Флореше Емуш и Светлана Ѓеорѓиеска ги учат децата дека треба да живеат заедно, а не едни покрај други.

Емуш вели дека дека децата кои излегуваат од Мозаик се разликуваат од другите по нивните сфаќања за реалноста.

„Групата Мозаик функционира веќе 15 години, и за неа има голема заинтересираност. Има дури и листа на чекање. Родителите сакаат нивните деца да имаат убава иднина, а ова е еден од начините, бидејќи во Струга можеме да живееме заедно“, рече Емуш.

Ѓеорѓиеска вели дека на ваков начин децата учат за мултикултура, традиција и различности.

„Сите празници се слават заедно. Велигден, Бајрам, Божиќ...Се обидуваме секое дете да научи барем по некој збор“, вели Ѓеорѓиеска.

Родителите, пак, велат дека децата од Мозаик треба да бидат пример за целото македонско општество.

„Моето дете учи за културата на децата Македонци. Дури почна да зборува и македонски“, вели родителот Вахиде Ајро.

Наташа Принтоска, мајка на дете во градинката, вели дека нејзиниот син и честитал празник на албански јазик.

„Мислам дека не постои друга насока за размислување. Нема потреба од поделби и од негирање на некој јазик.Треба да градиме општество заедничко за сите“, вели таа.

Во детската градинка „Сонце“ во моментот функционираат две групи Мозаик. Овие групи постојат од 1998-та година, и низ нив поминале многу генерации.

XS
SM
MD
LG