Линкови за пристапност

Дожд од реакции на поклонувањето на министерот Бесими

  • Синиша Станковиќ

Фатмир Бесими, министер за одбрана на РМ

Фатмир Бесими, министер за одбрана на РМ

Амбасадата на САД го поздравува неговото „храбро лидерство“, претседателот Иванов побарал расветлување на случајот, а самиот Бесими жали „што не е целосно разбрано ова залагање за помирување“.

„Го поздравуваме храброто лидерство на министерот Бесими во претставувањето и служењето на сите граѓани на Македонија“, ја пренесува ТВ Алфа реакцијата на Американската амбасада во Скопје, по повод поклонувањето министерот за одбрана Фатмир Бесими пред споменикот на загинатите припадници на ОНА во Слупчане.

Според телевизијата, во одговорот од амбасадата на САД стои и дека „пред 11 години Македонија се соочи со опасност од крвава граѓанска војна и семејства низ целата земја се` уште жалат за загубените најблиски во насилствата од 2001-тата. Потпишувањето на Охридскиот договор на 13-ти август ја избегна граѓанската војна и го трасираше патот за Македонија да напредува како унитарна, динамична и безбедна демократија. Визијата и патриотизмот на лидерите како министерот Бесими се критични за процесот на залечување на раните кај двете страни од конфликтот и и` помагаат на Македонија да стане земја која го нуди ветувањето и просперитетот за сите незјини граѓани, независно од нивната етничка, религиозна или политичка определба“.

До изјавата од американската амбасада дојде по реакциите во македонската јавност по повод потегот на министерот за одбрана, во придружба на офицери, етнички Албанци, во униформи на АРМ, да положи цвеќе на споменикот на загинатите припадници на ОНА.

Иако портпаролката на Министерството за одбрана Салвет Барути изјави дека се работи за „политичка одлука на Демократската унија за интеграција, за помирување на двата народа за заеднички соживот“ и дека „како што се поклонил министерот Бесими пред паднатите бранители во конфликтот во 2001-ва година, така се поклонил и пред загинатите борци од другата страна“, реакциите беа бројни.

Претседателот Ѓорге Иванов, како врховен командант на армијата, побарал расветлување на случајот, а од неговиот кабинет соопштија дека „униформираните лица кои беа во придружба на министерот за одбрана, не се во формацискиот состав на АРМ, туку членови на Кабинетот на министерот“. Претседателот побарал од сите фактори да не ја злоупотребуваат АРМ и да не ја употребуваат армиската униформа за политички, партиски, или какви било други цели.

Претседавачот на Советот на СДСМ за безбедносни прашања и ЕУ интеграции, Стево Пендаровски, изјави дека „положувањето цвеќе на Делегацијата од МО и АРМ пред спомен-обележјето во село Слупчане е чин без преседан во постконфликтниот период, бидејќи за прв пат во 11 години, АРМ на институционален начин им оддаде почит на загинатите по тој конфликт... Ако Премиерот не бил информиран за овој настан. можно ли е и во иднина да се случи истото, за вакви или други прашања? Ако во Владата немаат координација за вакви прашања, имаат ли за други прашања во истиот тој ресор, во МВР и во други органи“?, прашува Пендаровски.

Либерално –деморкатската партија побара владејачката ВМРО-ДПМНЕ да поднесе интерпелација за Бесими.

„Ако се искрени оградувањата од страна на релевантните институции, тогаш очигледно е дека станува збор за целосна некоординираност и самоволие во водењето на државната политика, особено во еден така значаен сегмент каков што е одбраната“, сметаат во ЛДП.

„Имајки ги во предвид реакциите на Владата, според кои министерот за одбрана постапил без одлука донесена на Влада, логично е премиерот да побара одговорност и веднаш да го разреши од функцијата. Во случај премиерот да нема доблест да го стори тоа, а по изјавата на директорот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во која истакнува дека овој чин не ги одразувал политиките и политичките ставови на нивната партија, единствен логичен чекор е интерпелација за министерот за одбрана, поднесена токму од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Македонија“, го пренесоа медиумите барањето на оваа партија.
Самиот Бесими изрази искрено жалење „што не е целосно разбрано ова залагање за помирување кое е во духот на Охридскиот договор, кој пак е составен дел на Уставот, а тоа е исклучително важно за иднината и просперитетот на Република Македонија“.

По денешната неформална средба со поранешните министери за одбрана и началници на Генералштабот на АРМ, како дел од јубилејот - 20 години АРМ, Бесими истакна дека и „институцијата Претседател на Република Македонија го дава своето „за“, со самиот потпис на Охридскиот договор, што е составен дел од Уставот на Република Македонија“

По повод оградувањето и на началникот на ГШ на АРМ од неговата постапка, Бесими изјави дека во Законот за одбрана се јасно дефинирани односите на МО, ГШ на АРМ и на претседателот на државата.

„Пред вас сум како министер за одбрана на сите граѓани на Република Македонија било да се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми... Убеден сум дека најголем дел од граѓаните сакаат во Република Македонија (и дека, н.з.) ги поддржуваат насоките за градење заеднички живот и меѓусебно почитување како најсигурен гарант за иднината на државата“, изјави министерот Бесими.
XS
SM
MD
LG