Линкови за пристапност

Пораките од Берлин

  • Борјан Јовановски

Како власта и опозицијата во Македонија ја толкуваат завршната декларација на Самитот за Западен Балкан?

Земјите од Западниот Балкан, заедно со Германија и Европската комисија, се согласија во наредните четири години преку конкретни активности да ја интензивираат интеграцијата на регионот во Европската унија.

Во завршиот документ од Самитот за Западен Балкан, што се одржа во Берлин, се вели: „Се согласуваме дека денешната конференција треба да обезбеди рамка за период од четири години, во кои ние ќе ги унапредиме нашите настојувања за да се направи додатен вистински напредок во процесот на реформи, во решавањето на исклучителните билатерални и внатрешни прашања и во постигнувањето на помирување внатре во, и помеѓу општествата во регионот. Исто така сме обединети со цел да се зајакне регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст“.

Учесниците ја истакнаа потребата за решавање на отворените билатерални прашања во најбрз можен рок, во интерес на добрососедските односи и поголемата стабилност во регионот.

“Премиерите на Србија и Косово ја повторија нивната определба за ревитализација на процесот за нормализирање на односите. Спорот со името помеѓу поранешната југословенска Република Македонија и Грција е еден од исклучителните билатерални проблеми. Државите - учеснички се согласија дека овој спор мора итно да биде решен со волја за компромис на сите засегнати страни”, се вели во берлинската декларација.

Според учесниците, клучен предизвик во наредните четири години ќе биде да се обезбеди владеење на правото и постоење на квалитетни демократски институции.

„Земјите - учеснички се согласија дека треба да бидат преземени понатамошни мерки за справување со корупцијата и организираниот криминал. Државите од Западен Балкан ја потврдија нивната подготвеност за донесување на понатамошни реформи, со цел - зголемување на правната сигурност во нивните држави, за одржување и зајакнување на независноста на нивните судства и за поинтензивно прекугранично заедничко работење во регионални и билатерални структури. Во плурална демократија, на опозицијата мора да и биде овозможено да ја врши својата улога во рамките на парламентот и, исто така, мора да сака да го прави тоа. Политички активното граѓанско општество исто така може да обезбеди конструктивна поддршка во однос на понатамошно зајакнување на демократските општества во државите од Западен Балкан и на тој начин да ги приближи државите поблиску до ЕУ. Предусловите за тоа вклучуваат плурална медиумска сцена, независни синдикати и економија којашто може да ја исполнува својата улога како дел од општеството, ослободена од политичко мешање. Германија останува посветена на слободата на медиумите во регионот“, се вели во завршниот документ од Самитот во Берлин.

На средбата станало збор и за унапредување на економскот развој.

„Позитивната инвестициска клима е особено важна за активноста на малите и средните претпријатија. Правната сигурност и политиката на нетолерантност кон корупцијата се значајни во овој контекст. Државите - учеснички имаат за цел да ја подобрат соработката помеѓу агенциите за инвестиции, како и начинот на кој тие комуницираат со германската агенција за трговија и инвестирање“, стои во декларацијата.

Македонскиот премиер Никола Груевски по Самитот коментираше дека Германија и Европската комисија имаат јасна намера повеќе да влијаат и да се вклучат во разрешувањето на различните проблеми со коишто се соочуваат државите во регионот.

„Состанокот го оценувам како мошне добар. Имавме прво два часа средба, ние шесте премиери од земјите од Југоисточна Европа со канцеларот на Германија Ангела Меркел, на кој јас во најмалку два навратa дискутирав, и во политичкиот, и во економскиот дел“, рече Груевски.

Со реакција се огласи и опозицијата.

„Ја поздравуваме завршната декларација од средбата во Берлин, во којашто со право, од целиот регион, се очекува вистински напредок и демократска иднина, базирана на владеење на правото“, се вели во изјавата на СДСМ.

„Во заклучоците од оваа прва конференција за Западен Балкан, што ја иницираше канцеларката Ангела Меркел, се нагласува и дека `мора да и се овозможи на опозицијата да ја одигра својата улога во Парламентот`. Со тоа, на Никола Груевски во Берлин лично му е испорачана пораката дека мора да седне на разговори со опозицијата, за решавање на политичката криза во Македонија. Сите заклучоци во декларацијата од Берлин упатуваат на проблемите во Македонија на коишто укажува опозицијата веќе подолго време. Се надеваме дека сега, кога истата порака дојде и од Берлин, Владата на Груевски ќе мора да прифати дека нема бегање од одговорност и дека е време за решителна акција“, коментира СДСМ.

XS
SM
MD
LG