Линкови за пристапност

Џон Кери во Атлантскиот совет: САД и сојузниците секогаш ќе стојат зад Украина


Дводневна конференција „Кон цела и слободна Европа“.

Американскиот државен секретар Џон Кери на излагањето во Атлантскиот совет на дводневната конференција „Кон цела и слободна Европа“ оцени дека проширувањето на НАТО значи поголема безбедност, демократија и просперитет.

Кери истакна дека НАТО има сторено во промовирање на мирот и безбедноста повеќе од која и да е друга партнерска организација. За американскиот шеф на дипломатијата, состојбата на теренот во Украина е отрезнувачки повик. Тој кажа дека Русија сака да ја смени геополитичката слика во источна Украина.

Нашата сила е во единството и сите треба да се обединиме против оној кој сака да промени суверени граници. На Кремљ треба да му се прати порака дека секоја педа од територијата на НАТО е недопирлива, потенцираше првиот човек на американската дипломатија.

Од говорницата на Атлантскиот совет, Кери рече дека мора да има последици за однесувањето на руската влада и дека по средбата во Женева Москва е директно виновна за зголемување на напнатоста. Тој смета дека е време НАТО-сојузниците да преземат поголема улога во заедничкиот одбранбен буџет.

Претходно, извршиот потпретседател на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон изјави дека оваа година е важен јубилеј за трансатлантската заедница - одбележува 25 години од падот на Берлинскиот ѕид; 15 години од првото проширување на НАТО по завршувањето на Студената војна, како и 10 години од најголемо проширување на ЕУ и на НАТО.

Според него, целта на оваа дискусија е навраќање на транформацијата на Европа при вакви историски одлуки, да се поттикне дебата за значењето на членството во НАТО и ЕУ што ќе го позиционира регионот во иднина, но и да се посвети внимание на останатите предизвици со кои се соочува Европа на патот кон конечното обединување.

Директорот на Гласот на Америка Дејвид Енсор ја водеше дебатата „Повторно живеење на историјата: европската приказна“ што се наврати на настаните од Втората светска војна, Студената војна, и фомирањето независните држави од поранешниот Советски Сојуз.

Поранешниот министер на Чешката Република Александар Вондра направи паралела меѓу некогашната советска окупација на Чехословачка и состојбата во Украина денес, истакнувајќи дека состојбата на нејзината граница е сериозна и дека не е оптимист дека досегашните мерки на меѓународната заедница ќе ја одвратат Русија од понатамошно ескалирање на ситуацијата. И според Фредерик Кемпи, претседател и извршен директор на Атлантскиот совет, САД треба поактивно да се вклучат во намалување на напнатоста во Украина.

На тема Украина став изрази и влијателниот републикански сенатор и поранешен претседателски кандидат Џон Мекејн, кој смета дека САД мора да ја предводат меѓународната заедница во енергичен одговор на украинската криза. Слабиот одговор само ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со својот план, предупреди Мекејн.

На конференцијата ќе говори и американскиот потпретседател Џо Бајден, сенатори, редица министри од европски земји, меѓу кои и македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски, како и американски аналитичари.
XS
SM
MD
LG