Линкови за пристапност

Лошото време ја отежнува потрагата по авионот на Ер Азија и загинатите


Индонезиската војска ги носи телата на загинатите пронајдени по уривањето на авионот на Ер Азија

Индонезиската војска ги носи телата на загинатите пронајдени по уривањето на авионот на Ер Азија

Досега извлечени седум тела; индонезиските власти веруваат дека лоцирале поголем дел од Ербасот А320 што се урнал во Јаванското Море

Индонезиските власти веруваат дека лоцирале поголем дел од авионот на Ер Азија што се урнал во Јаванското Море, а лошите временски услови ја отежнуваат потрагата по загинатите.

Официјални лица утрово соопштија дека сонарските прикази сугерираат дека авионот лежи наопаку на дното на морето, на длабочина од 30 до 50 метри. Но, директорот на Ер Азија Тони Фернандез изрази резервираност, велејќи дека постои “извесна визуелна идентификација, но ништо не е потврдено“.

Роднини на патниците реагираат на веста дека во Јаванското Море биле пронајдени остатоци од авионот на Ер Азија

Роднини на патниците реагираат на веста дека во Јаванското Море биле пронајдени остатоци од авионот на Ер Азија

Според спасувачките екипи, брановите високи и до три метри, силниот ветар и поројниот дожд ја попречуваат акцијата во близина на островот Борнео. Сепак, тие успеаја да извлечат четири тела на загинатите од водата, со што бројот на пронајдени жртви на несреќата нарасна на седум.

Во авионот од типот Ербас А320 имало вкупно 162 лица. Тој полетал неделата од индонозискиот град Сурабаја, на пат за Сингапур, а исчезнал од радарот кога наишол на лоши временски услови. Истрагата се надева да ја утврди причината за несреќата откако нуркачите ќе ја лоцираат црната кутија на авионот.

Во потрагата помага и американскиот разурнувач УСС Сампсон. Бродот УСС Форт Ворт, пак, е закотвен во Сингапур и по потреба ќе се приклучи на потрагата. Белата куќа упати сочуство до семејствата на загинатите и најави дека е подготвена да и` помогне на Индонезија со се` што е потребно.

XS
SM
MD
LG