Линкови за пристапност

СЈО со четири нови истраги за злоупотреби и даночно затајување


Спорни теднери, лажни даночни пријави и молк од надлежните институции покажуваат доказите. За градоначалникот Талевски наскоро ќе има и обвинителен акт. СЈО побара Собранието да им го продолжи рокот за обвиненија бидејќи работат на многу случаи на перење пари поврзани со високи владини функционери

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната прес- конференција соопшти дека отворило четири нови истраги за злоупотреби од страна на државни службеници и за даночно затајување. И овојпат истрагите почнуваат на буквата Т – „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“, а во нив се осомничени четири лица. Обвинителката Катица Јанева кажа дека за дел од истрагите јавноста е запознаена бидејќи нелегално прислушуваните разговори веќе биле обелоденети.

Во случајот „Табла“ СЈО собрало докази против директор во централно основно училиште во селото Зајаској, злоупотребувајќи ја функцијата и без да распише тендер склучил договор со кичевска фирма тежок 200.000 евра за изградба на училишна зграда.

Втората истрага под име „Триста“, се однесува на јавна набавка за купување и сервисирање на службени возила за МВР, а првоосомничен е помошник-министер, против кого веќе се водат истраги во други случаи. Тој бил задолжен за спроведување на јавните јабавки во МВР. Во „Триста“ осомничениот директно влијаел на изборот од кого ќе се набават службените возила за МВР. Наместо да ја избере наповолната понуда, тој избрал неколку други фирми: Порше, Колевски, Автокуќа, Бохемија, Кадис Автомобил и Автомакедонија, коишто се јавиле на тендерот, а кои имале далеку повисоки цени од прворангираната. Парите за набавка и сервисирање на возилата биле исплатени. Според СЈО, штетата на државниот Буџет во овој случај е 453.000 евра. Толкава била разликата меѓу најдобрата и понудите кои ги избрал осомничениот полициски функционер.

Најмногу внимание во јавноста привлекоа истрагите „Тотал“ и „Тифани“ кои се однесуваат на даночно затајување.

Во „Тотал“ осомничен е сопственикот на фирмите Тотал маркетинг агенција,Тотал маркетинг, Медиа макс и Тотал медиа центар, кој затаил околу 180.000 евра данок. Тој во перидот од 2008-ма до 2015-та година во завршните сметки за даночна пријава давал лажни податоци. На име на фирмите биле купувани предмети, стока, мебел кои биле означувани како трошоци и расходи. Обвинителката Фетаи нагласи дека овие средства се користени за лични потреби бидејќи само во три од фирмите нема ниту едно вработено лице. Меѓу предметите што биле купувани како основни средства за фирмите имало душеци од 1.500 евра, часовник од 2.500 евра, персиски тепих и медебл вреден 70.000 евра.

Истрагата во случајот „Тифани“ се однесува на фирмите Смарт центар и Смарт груп, чија сопственичка затајувала данок на ист начин. Во овој случај висината на штетата нанесена на Буџетот на РМ е околу 55.000 евра. Обвинителката Фетаи, соопшти дека како основни средства за фирмите биле наведени купување на долна облека од 500 евра, обувки вредни десетици илјади евра, луксузен мебел и сигурносни врати.

За четворицата осомничени во новите истраги СЈО најави дека нема да бара никакви мерки на претпазливост односно притвор или одземање на пасошите.

Рокот за обвиненија мора да се продолжи

Катица Јанева, на денешната прес-конференција побара од Собранието да биде продолжен рокот за поднесување на обвиненија. Таа смета дека одлуката би била во интерес на граѓаните бидејќи ќе бидат откриени функционерите кои ги злоупотребувале народните пари.

„Ова е само почеток на нашите истраги за тоа на кој начин биле перени пари од буџетот и како завршувале на приватните сметки на високи функционери од власта и правни лица зад кои се кријат високи функционери. Даночните малверзации и повредата на Законот за јавни набавки директно влијаат на животниот стандард на граѓаните. Сметаме дека сите, и институциите и граѓаните треба да ја согледаат важноста од почитувањето на законските обврски и во што е можен покус рок да одговараат на барањата на СЈО. Во интерес на граѓаните на Република Македонија, чии пари биле злоупотребувани“, рече Јанева.

СЈО нема истраги против медиуми

На почетокот на денешната прес- конференција, неколку новинираски екипи демонстративно ги исклучија камерите во знак на револт против „пристисоците што ги врши СЈО врз медиумите кои не се под контрола на СДСМ“.

Обвинителката Ленче Ристоска појасни дека досега во ниту еден момент ниту еден медиум во Македонија не бил под истрага на СЈО.

„СЈО работи во интерес на граѓаните и со целосно почитување на сите закони. Уште на почетокот појаснивме дека за нас сите се еднакви пред законот и ако некој сторил кривично дело треба да одговара. Ниеден медиум не е под истрага во овој момент од СЈО, засега не е отворена ниту една истрага за медиум. Ако одредени лица кои се сопственици или работат во некои медиуми, сториле кривични дела кои не се поврзани со работењето на медиумите и се сами за себе, се разбира дека мора да спроведе истрага и да се види дали ќе има одговорност за овие лица. Во ниту еден случај ние не правиме притисок на медиумите, гестот единствено неовозможува дел од населението на Македонија да не биде информирано за нашите активности“, рече Ристоска.

Градоначалникот Талевски наскоро на обвинителната клупа

СЈО деновиве ќе го поднесе обвинителниот акт за случајот „Транспортер“ каде првоосомниечн е битолскиот градоначалник Владимир Талески. „Транспортер“ се однесува на злооуптребите со транспортот на ученици во Битола со која неколку лица, вклучувајќи го и Талески го оштетиле Буџетот на државата за околу 360.000 евра кои завршиле на нивните сметки.

Овој случај го имаше меѓу т.н. „бомби“ на опозицијата. Во еден од разговорите, двајца високи државни функционери во детали ги опишуваа криминалите и финансиските злоупотреби на Талески околу транспортот на ученици.

Тој пак тврдеше дека станува збор за монтиран процес и дека не е виновен.

За овој случај на првоосомничениот, на битолскиот градоначалник неколкупати му беше продолжуван куќниот притвор кој му го изрече судија од скопскиот Кривичен суд.

XS
SM
MD
LG