Линкови за пристапност

„За Заедничка Македонија“ контра еврокомесарот Хан


„ЕУ не ја почитува волјата на народот“, „Стоп за платформи направени во туѓи држави и за туѓи интереси“, „Никој од надвор нема да му ја крои судбината на македонскиот народ“, беа само дел од пораките упатени до Хан

Граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ денеска на улиците на Скопје, го одржа најмасовниот протест досега на кој присуствуваа десетина илјади граѓани, кои отворено изразија негодување од ставовите на еврокомесарот Јоханес Хан и му дадоа поддршка на претседателот Иванов и неговата одлука да не го додели мандатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Оваа иницијатива веќе 23 дена организира протести во повеќе градови низ државата „за одбрана на татковината“ со барање да се отфрли платформата на албанските партии. Од иницијативата сметаат дека со тоа се нарушува правото на најголемата етничка заедница во Македонија, но и на останатите помали, а се доведува во прашање и постоењето и функционирањето на државата.

Тие побараа средба со еврокомесарот Хан за да му ги образложат своите ставови, но и тој јавно да ја осуди т.н. „тиранска платформа“. Барањето за средба беше одбиено што дополнително ја засили реториката на организаторите како и пораките кои беа испратени од вечерашниот протест.

„ЕУ не ја почитува волјата на народот“, „Стоп за платформи направени во туѓи држави и за туѓи интереси“, „Никој однадвор нема да му ја крои судбината на македонскиот народ“ - беа само дел од пораките упатени до Хан.

„Господине Хан, Македонија не е само Скопје. Тоа е и Битола и Прилеп, и Кичево. Покажете почит кон овој народ. Ако бевте загрижени за Македонија, немаше да дозволите да нè условуваат со нашиот идентитет, немаше да дозволите да стоиме 20 години пред портите на Унијата. Ние сме тие домаќините кои треба да бидат слушнати од сите гости, ние сме тие кои се грижиме за државата за разлика од oние кои сакаат да ја турнат туѓата платформа во оваа земја“, рече Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестот.

За него претседателот Иванов е човек кој не витка кичма и кој нема да го даде мандатот на политичар кој ја застапува „Тиранската платформа“.

За музичарот Дарко Мијалковски прифаќањето на платформата на албанските партии е исто како да се бара од САД да се согласат со нуклеарната програма на Северна Кореја.

„Господине Хан, дали сето она што сакате да ни го наметнете кај нас дома важи и кај вас во ЕУ. Тука сме да ви порачаме дека овој народ нема да ја прифати тиранската платформа. Господине Хан, нема дискриминирани Албанци во Македонија. Напротив, доколку се прифати платформата македонскиот народ ќе стане малцинство, нема да ја прифатиме платформата како вие што не ја прифативте нашата средба“, рече Мијалковски.

Елена Мисиркова, која исто така е еден од основачите на иницијативата „За Заедничка Македонија“, порача дека Македонија може да опстои и без ЕУ и побара ревизија на Букурешкиот договор од 1913-та година.

„Нашето второ име е непокор, никогаш да не се согласиме со тоа некој од страна да ни ја крои судбината. Ако ЕУ во 21-oт век покажува непочит спрема волјата на овој народ, кој е државотворен народ на оваа држава, каков може да биде нашиот одговор? Ние не зависиме од ЕУ којашто е во распад. Од нас зборува нашиот дух кој наназад го имаме илјадници години од нашите предци, од македонските кралски династии“, рече Мисиркова.

Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн денеска допатуваа во Скопје на средби со лидерите на партиите кои освоија пратенички мандати со цел да стават крај на политичката криза во Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов одби да се сретне со нив со образложение дека ставовите ги соопштил на нивната претходна средба и побара од Хан да ги прими претставниците на граѓанската иницијатива.

Во текот на попладнето, во Собранието траеа средбите на лидерите на партиите со Хан и според нивните изјави може да се заклучи дека тој инсистирал на институционално решавање на кризата.

XS
SM
MD
LG