Линкови за пристапност

Иванов побара меѓународна осуда и повлекување на платформата


Претседателот испрати писмо до лидерите на САД, Турција, ЕУ и НАТО со исто барање сметајќи дека е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓа земјата. Преставникот на ЕУ пак им порача на македонските политичари да не предизвикуваат меѓуетничка конфорнтација

Претседателот Ѓорге Иванов денеска им испрати писмо на претседателите на САД и Турција, Донал Трамп и Реџеп Таип Ердоган, и на првите луѓе на НАТО и Европскиот Совет, Јенс Столтенберг и Доналд Туск, во кое побара меѓународната заедница веднаш да ја осуди платформата на албанските партии во Македонија и да побара нејзино повлекување.

Според Иванов, отфрлањето на платформата е единствениот начин да се стабилизира политичката состојба во Македонија и државата повторно да се врати на патот кон европските и евроатлантските интеграции.

Нарекувајќи ја „Тиранска платформа“, тој во писмото побара меѓународната заедница најостро да го осуди „флагрантното мешање“ во внатрешните работи на Република Македонија од страна на Албанија и Косово.

„ Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница“, пишува Иванов.

Деновиве македонскиот претседател беше остро критикуван од неколку европски и светски политичари заради неговата одлука и одбивањето да го даде мандатот на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Високиот претставник на ЕУ, Фредерика Могерини која беше во посета на Македонија побара „мудрост од Иванов“ за да се спречи натамошна ескалација и продалбочување на кризата и нагласи дека е загрижена од состојбата во Македонија.

„Мојот најголем страв е институционалната и политичката криза да не прерасне во меѓуетничка. Не си играјте со оган кој може да ја уништи државата и да се прошири во регионот“, рече Могерини по состанокот со министрите за надворешни работи на земјите членки во Брисел.

Таа смета дека сеуште постојат капацитети и инструменти за надминување на кризата во државата и дека што поскоро мора да се формира Влада и да се избере претседател на Собранието.

XS
SM
MD
LG