Линкови за пристапност

200 демонстранти на контрапротестите во Скопје

  • Синиша Станковиќ
  • за Скопје

Главно малолетници, пред Владата со навредливи транспаренти против полицијата и Албанците.

Контрапротести во Скопје - денес пред Владата се собра група од околу 200 демонстранти, етнички Македонци, главно малолетни лица, како одговор на вчерашниот протест на неколкуте илјади граѓани од исламска вероисповест - поддржувачи на уапсените во акцијата „Монструм“. Како и вчерашниот, и денешниот протест немаше официјален организатор, иако беше договаран на социјалните мрежи. Неофицијално, протестот го организирала групата “Протест против радикален ислам”, која веќе ја нема на социјалните мрежи.

Претходно, како одговор на првиот протест на исламските верници од 5-ти мај, на Фејсбук беше формирана група „Протест пред Владата“, која за само неколку дена собра 1.000 потписи на граѓани, меѓу кои имаше и лица кои, не откривајќи го идентитетот, оставаа антиалбански и антиисламски пораки и коментари. Тогаш дел од медиумите објавија дека зад евентуалните контрапротести ќе стојат македонските националисти.

Денес, младите демонстранти носејќи македонски знамиња, извикувале навредливи пароли за полицијата и за Албанците и ги пееле патриотските песни: „Едно име имаме" и „А, бре, Македонче". Според порталот Плусинфо, на еден од транспарентите имало и фотографија на Хитлер, а низ скандирањата се чуле и извици: „За вас само Аушвиц“ и „Сребреница два“.

Одбивајќи да даваат одговори на прашањата на новинарите кои го следеле настанот, дел од демонстрантите се обиделе и да нападнат една екипа - снимател и новинарка - и ги навредувале останатите новинарски екипи. Поради тоа, полицијата ги повлекла известувачите на безбедна оддалеченост од демонстрантите, по што новинарите го напуштиле настанот, а демонстрантите се разишле.

По вчерашните напади врз новинарите за време на протестот на муслиманите, Здружението на новинарите на Македонија изрази најостра осуда.

„Непримерно е граѓаните кои учествуваат во јавните протести гневот да го истураат врз новинарите. Постојаните физички напади против медиумските работници говорат во каков амбиент работат тие. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи брзо да ги идентификува напаѓачите и да преземе мерки против нив. Одговорност за ваквите напади мора да сносат и организаторите на протестите“, стои во писмената рекација на ЗНМ.

Новинарската асоцијација бара од полицијата да обелодени до каде е постапката против досегашните напаѓачи врз новинари на задача во последните две години.

„Доколку не добиеме таква информација ќе мораме да се обратиме до меѓународните институции за да алармираме дека безбедноста на новинарите во Македонија е загрозена и дека институциите не преземаат доволни мерки за да ги санкционираат насилниците за да не се повторат вакви напади", порачаа од ЗНМ

Вчера, со камен во главата беше повреден снимателот на ТВ Телма Жарко Пачемски додека ги снимал демонстрантите пред општината Чаир, кога без повод тие почнале да фрлаат камења кон новинарите. Во Ургентниот центар било констатирано дека се работи за длабока расекотина на челото, која е зашиена, а на снимателот му се направени снимки на главата.

Според официјалниот извештај на МВР, иако беше најавен како мирен протест, вчера шест униформирани полициски службеници се здобиле со лесни телесни повреди и им била укажана прва помош на лице место, а имало и пријавено нарушување на јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување на младинци во два градски автобуса.

XS
SM
MD
LG