Линкови за пристапност

Протестите против Вол Стрит стигнаа во Вашингтон


Протестите против Вол Стрит стигнаа во Вашингтон
Протестите против Вол Стрит стигнаа во Вашингтон

Луѓе од различни професии и генерации сметаат дека Америка е на лош пат во многу области.

Антикапиталистичките протести што започнаа на Вол Стрит во Њујорк се шират и во други градови. За разлика од движењето Ти парти, кое ја обвинува големината на владата за економските проблеми во САД, „Окупирај го Вол Стрит“ смета дека проблемот лежи во големите корпорации.

Вревата од ударите на тапаните на „Окупирај го Вол Стрит“ е се` погласна и се прошири до Вашингтон, зближувајќи различни генерации.

„Се работи за војната. Се работи за корупцијата. Се работи за алчноста“, вели Сузан Арнет, која дошла од Калифорнија да присуствува на протестите.

Како и во Њујорк, така и во Вашингтон, антикапитализмот беше клучна тема на собирот што симболично се одржа среде владините канцеларии, на Плоштадот Слобода.

Се собраа различни луѓе. Воени ветерани, студенти, уметници, дури и вработени во владините институции, сите кои чуствуваат дека Америка е на лош пат во многу области – образованието, инфраструктурните проекти, како дополнување на трошоците за војните.

Џим Гуднау вели дека Америка денес е поинаква од кога бил регрутиран за војната во Виетнам.

„Кога созревав, си мислевме дека државата, тоа сме ние, народот. Денес тоа не е така. Главен збор имаат корпорациите. Ова стана земја на корпорации“, вели Гуднау.

Лордес Паралобре од Мајами вели дека ќе дипломира од универзитет со долг од 20.000 долари за кредитот од банката со кој ги платила трошоците за студирањето.

„Имам голем број на пријатели кои имаат магистерски титули и универзитетиски дипломи, а работат во ресторани. Стравувам дека може да ми се случи истото“, раскажува Паралобре.

Меѓу демонстрантите има и многу граѓани кои гласале за Барак Обама. Од Белата куќа, претседателот за прв пат го уважи движењето.

„Мислам дека ја изразува фрустрацијата што ја чувствува американскиот народ“, рече Обама.

На протестот на „Окупирај го Вол Стрит“ вчера им се приклучија синдикални организации. Движењето подигна камп во Вашингтон и се надева дека ќе добие на бројност.

XS
SM
MD
LG