Линкови за пристапност

Американците ја одбележуваат годишнината на 11 септември


Американскиот претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама ќе предводат минута молчење на тревникот на Белата куќа.

Претседателот на САД и сопругата ќе го одбележат настанот во моментот кога првиот од двата авиони го погоди Светскиот трговски центар, а потоа ќе предводат слична церемонија кај споменикот во Пентагон, седиштето на американската армија што беше погодено од третиот авион во нападите во 2001.
Како и во изминатите години, семејствата на убиените во Светскиот трговски центар ќе земат учество во ритуалното читање на имињата на жртвите на Граунд зеро. Но за разлика од претходните, ниеден избран политичар нема да учествува на церенмониите на Граунд зеро.

Потпретседателот Џо Бајден ќе зборува на церемонија во Шанксвил, Пенсилванија, каде четвртиот киднапиран авион се урна откако патниците се обидоа да ја преземат контролата врз авионот, спречувајќи тој да стигне до друга цел во Вашингтон.

Американскиот секретар за одбрана Леон Панета во понеделникот го посети споменикот во Шанксвил посветен на патниците кои биле на летот на Јунајтид, број 93. Тој вели дека земјата никогаш не смее да го заборави армискиот персонал распореден во Авганистан во 2001 за да се бори со силите на Талибан кои и` пружале заштита на ал Каида и нејзиниот лидер Осама бин Ладен.

Во сличен развој во понеделникот, градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг соопшти дека е постигнат договор за продолжување на изградбата на Музејот за 11 септември на местото каде беше зградата на Светскиот трговски центар. Проектот беше запрен заради несогласување меѓу фондацијата што го контролира музејот и крајбрежната власт на Њујорк и Њу Џерси, владина агенција во чија сопственост е земјиштето на Светскиот трговски центар.

Исто така во понеделникот, федерални здравствени претставници соопштија дека ќе додадат 50 видови на рак на листата на болести покриени со специјален фонд востановен за обезбедување на здравствена заштита на лицата кои се разболеле работејќи во урнатините на Светскиот трговски центар.
XS
SM
MD
LG