Линкови за пристапност

Злоупотреба на немирите во Балтимор


Пожарникарите интервенираат за време на немирите во Балтимор, на 27-ми април 2015-та

Пожарникарите интервенираат за време на немирите во Балтимор, на 27-ми април 2015-та

Американските противници ги користат за да шират антиамериканска порака

Ширум светот, американските противници ги користат немирите во Балтимор неделава коишто избувнаа по смртта на млад Афроамериканец откако го приведе полицијата. Се работи за глобален бран на Интернет-пропаганда и критика, а поголемиот дел од тоа има цел да ги стави САД во непријатна ситуација, наведуваат аналитичарите.

Дел од западните влади, како американската и други, започнаа да ги јакнат сопствените медиумски тактики и кампањи за да се спротистават на дезинформациите и критиката коишто се шират преку социјалните медиуми. Но, според Дејвид Алтајди, истражувач на медиуми од Унивезитетот на сојузната држава Аризона, можностите за тоа можеби се ограничени.

„Одговорот мора да биде минимален и особено фокусиран“, коментира Алтајди, чиишто истражувања се посветени на пропагандата и медиумите. „Најголемата промена што ја донесоа социјалните медиуми е колку тие се проширени“.

„Се` повеќе, луѓето ширум светот ги користат социјалните медиуми затоа што се работи за инстантен, визуелен и личен чин“, вели Алтајди. Затоа, социјалните медиуми имаат тенденција да бидат особено ефектни. Најдобриот одговор на САД би требало да биде лимитиран, вистинит и фокусиран на проблемот“.

Но, дури и пред да згаснат пожарите во Балтимор среде немирите понеделникот навечер, критичарите на САД веќе беа на Интеренет, користејќи ги настаните.

На Твитер-адресата на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Каменеи беше објавена првата од вкупно осум пораки за смртта на 25-годишниот Фреди Греј откако го приведе полицијата.

„Моќта и тиранијата се различни. Во некои земји, како САД, полицијата навидум е моќна, но убива недолжни. #FreddieGray #RekiaBoyd“, беше неговата прва порака на оваа тема.

Во последователните пораки, тој го критикуваше, како што ги нарече, „неправедните“ убиства на Афроамериканци од страна на полицијата, го славеше исламот како вера во којашто полицијата реагира со милосрдие, и го подбуцна претседателот Барак Обама дека е „апсурдно“ што продолжуваат злосторствста против Афроамериканците кога претседателот е црнец.

Руските тролови на Интернет-страниците како РТ оставија илјадници, често анонимни коментари дека САД се „хипокрити“, „криминалци“, „сопственици на робови“ и други, уште полоши нешта.

„САД си земаат за право да ја учат РУСИЈА како треба да се однесува полицијата“, гласи еден коментар.

Константин Долгов, рускиот комесар за човекови права, кажа дека немирите ја илустрираат „длабочината и систематскиот карактер на расната дискриминација во САД“.

Милитантите поврзани со организацијата Исламска држава ги запоседнаа популарните хаштагови како #BlackLivesMatter, #BaltimoreRiots и #FreddieGray за да удрат по Западот и да регрутираат нови борци.

„Во исламската вера и Исламската држава #IS нема разлика меѓу црнец и белец“, гласи една од пораките од Твитер-адреса со симпатии за ИД.

Официјалната кинеска државна агенција Ксинхуа објави остар коментар, заедно со уште неколку написи, нарекувајќи ги немирите „...уште еден доказ дека САД сега се длабоко поделени, а општеството е се` понестабилно со тоа што правниот систем не ги исполнува очекувањата на своите граѓани“.

Нема ништо ново во тоа државите да користат немила ситуација кај својот противник за пропагандни цели. Русија тоа го прави со години. Но, социјалните медиуми го менуваат начинот на којшто се води пропагандата, наведуваат стручњаците.

„Во многу нешта, целта на советската субверзија, или агитпропот, се` до 1980-те, и руската информативна војна денес се идентични“, вели Кеир Џајлс, соработник на Одделот за меѓународна безбедност при Чатам хаус, институтот за меѓународни истражувања со седиште во Лондон.

Џајлс, којшто работел во бившиот Советски Сојуз, ја истражува употребата на социјалните медиуми од страна на владата на Путин за ширење на нејзините цели и пораки.

Иако денешните пософистицирани пораки од Кремљ можеби наликуваат на старата советска пропаганда, Џајлс вели дека се разликуваат во еден клучен аспект.

„Засилувањето на пораките е клучна цел во употребата на социјалните медиуми во Русија“, вели тој. “Фармите на тролови, коишто вработуваат стотици лица за да објавуваат на социјалните медиуми, во Интернет-дискусиите, и да оставаат коментари на останатите Интернет-медиуми, во еден дел дејствуваат за да создадат претстава дека дезинформациите на руските државни медиуми всушност имаат широкораспространета поддршка“.

„Троловите употребуваат имиња коишто звучат западњачки и ги повторуваат лажните или заведувачки стории од руските извори, меѓу нив и Русија денес (РТ) и бројни лажни медиумски страници, што е можно пошироко“, тврди Џајлс. “Ова може да биде мошне ефикасно“.

Овој стручњак смета дека современата руска пропаганда којашто се шири преку социјалните медиуми има неколку цели: создавање на конфузија, предизвикување на емоции и вртење на јавното мислење во клучни географски региони.

„Основните принципи се исти: да заслаби и да се дестабилизира противникот употребувајќи секоја можност и агол што ќе се појави, и, доколку е можно, да се влијае на процесот на креирање на политика и донесување на одлуки“, наведува Џајлс.

„Покрај очигледните лаги за Украина, се случуваат и многу други нешта – инфилтрирање на голем број на помалку видливи, лажни нарации за тековните настани во САД и кај сојузниците, со цел да се поделат и заслабат нивните општества и влади“, смета Џајлс.

Но, кампањите на социјалните медуми од страна на организациите како Исламската држава демонстрираат висок степен на софистицираност и вештина, додава Џајлс. Тој смета дека најдобриот начин против новите бранови на електронска пропаганда е, едноставно, таа да се нарече она што е: дезинформација.

„Кога западните водачи и националните медиуми едноставно го идентификуваат проблемот и говорат отворено за него, тоа се има покажано како главен чекор кон ангажирање на критичко размислување во општеството и помага на обичните корисници на Интернет во тие земји да увидат дека се измамени и злоупотребени од страна на Русија“, вели Џајлс.

„Нема многу критичко размислување кога станува збор за ширењето на пропагандата преку социјалните медиуми“, вели Дејвид Алтајди. „Постои тенденција да се засилуваат претставите и предрасудите. Така, пораките коишто засилуваат одредени погрешни претстави се веднаш ефикасни, но во најголем дел за оние коишто се наклонети да веруваат во такво нешто“.

  • 16x9 Image

    Даг Бернард

    Даг Бернард следи кибернетски прашања за Гласот на Америка, фокусирајќи се на приватноста на Интернет, безбедноста и избегнувањето на цензурата. Претходно, тој го уредуваше блогот на Гласот на Америка „Дигитални граници“, ја продуцираше Интернет-емисијата „Дневно преземање“, а беше и водител на емисијата „Разговарајте со Америка“ за којашто ја доби наградата Меѓународен водител на годината на Здружението за меѓународно емитување на програма. Кариерата ја започна во Јавното радио на Мичеген, а има објавувано во „Њујорк тајмс“, „Кришч`н сајанс монитор“, СПИН и НПР. Можете да го следите на  @dfrontiers.

XS
SM
MD
LG