Линкови за пристапност

Димитров: Селективната правда е неправда

  • Јулија Велковска

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во САД, Никола Димитров говори за актуелната криза и најновата одлука на претседателот Иванов за аболиција

Договорот од Пржино во основа остана лист хартија, вели Димитров. Најновите случувања, од една страна го избегнаа најлошото - Македонија со една коалиција на избори, но со формирањето на старата коалициона влада и можноста на претседателот Ѓорге Иванов за селективни помилувања, земјата се врати два чекора наназад, изјави поранешниот амбасадор на Македонија во САД во интервју за Гласот на Америка на македонски.

„Сега имаме уште полоша ситуација бидејќи во Владата и нема други фактори, фактори се тие што ја создадоа кризата којашто се откри со бомбите на опозицијата, потоа потврдени со низа извештаи, Прибе, Европската Комисија, отворањето на истрагите на СЈО, итн. Не може ако претходно имаше кочници и големи доцнења на клучните чекори од Пржино, сега и најнаивните не можат веќе да се надеваат дека било што ќе биде спроведено во насока на одговорност, владеење на правото и создавање на услови за кредибилни избори“.

Наместо да застане со граѓанството и да инсистира на создавање специјално судско одделение за случаите на СЈО, претседателот Ѓорге Иванов со правно спорната аболиција, застана директно на страната на кризата, оневозможувајќи истраги и одговорност, а прогласувајќи неказнивост”, истакна тој. Селективната правда е неправда, рече Димитров, по најновата одлука на македонскиот претседател. Вели, непоимливо е можни извршители и соучесници да бидат над законот, а нивната недопирливост да биде во државен интерес.

„Ова е веројатно најсрамниот потег од историјата на независна Македонија, наваму. Во услови на најголем скандал, кога имате сериозни индиции за огромна корупција, изборни измами, злоупотреби на службените овластувања, и кога во сето тоа, се создаде потреба од формирање на ново независно СЈО што ќе ја истражува оваа планина од криминал, Иванов со цел памет, најде за сходно да ја прогласи Македонија за земја на неодговорност, за во основа да ја заштити политичката класа од одговорност. Како ова може да има врска со интересите на граѓаните? - Тоа самиот Иванов знае“.

Решението од оваа, како што ја нарече, морална и институционална криза, го гледа во темелна истрага на сомнежите преку СЈО, но и независно судство. Димитров му даде поддршка, на, како што го нарече, автентичниот граѓански протест, повикувајќи на поголем ангажман на меѓународната заедница, бидејќи, како што кажа, ризикот да се остави Македонија да тлее, е огромен.

„Мислам дека ќе треба поголема координација, можеби ќе треба и на повисоко ниво да почнат да се занимаваат со Македонија, бидејќи тука е и бегалската криза, балканската рута во моментов е затворена со договорот Турција - ЕУ, не знаеме тоа како ќе функционира, дали ќе се имплементира, дали ќе опстане тој договор? Македонија е најекспонираната држава во моментов на Балканот, кога станува збор за проблем, но многу држави од Балканот имаат слични проблеми. Ако Европа и Америка ја изгубат Македонија, најверојатно ќе го изгубат целиот регион, владеење ќе се сведе на модели коишто се многу близу до авторитарни или целосно авторитарни. Дали може Европа или Америка да си го дозволи тоа? Македонија беше пример за превентивна дипломатија. Најголемиот успех на капацитетот на Европа за решавање на кризи беше кризата во 2001-та година токму во Македонија“.

Оттука и паралелата со спорот со Грција околу името. Повикувајќи се на изјавата на посредникот Нимиц, тој кажа дека процесот е замрзнат додека нема Влада избрана на слободни и демократски избори. Сепак, кризата во голем дел е создадена во контекст на резултатот од прашањето за името и грчката блокада. Оваа мера на партизација немаше да се случи, ако ни’ беа отворени вратите кон НАТО и ЕУ, рече Димитров.

Во меѓувреме, тој нагласи дека ситуацијата на статус-кво во Македонија e неодржлива, а можноста за, како што ја нарече, колективна амнезија, неостварлива.

„Кризата ќе заврши само со одговорност и прашање е само на време и прашање е колкава цена ќе плати и Македонија и граѓаните додека не дојдеме до таа одговорност. Одговорност на крајот мора да има или ќе има криза“.

XS
SM
MD
LG