Линкови за пристапност

Бејли: Македонија посветен пријател и партнер, заслужува помош


Џес Бејли

Џес Бејли

Кандидатот за нов американски амбасадор во земјата на сенатски распит вети дека ќе се заложи за решавање на спорот со името, меѓуетничка толеранција, слобода на медиумите и независно судство

„Како наш посветен пријател и партнер, Македонија ја заслужува нашата помош да стане подготвена за членство во НАТО и ЕУ. Во интерес на САД и Европа е да продолжиме да и` ја даваме таа помош“, изјави денес Џес Бејли, дипломатот номиниран да биде новиот американски амбасадор во Република Македонија. Тој говореше на распит во Сенатската комисија за надворешни работи, заедно со уште тројца предложени амбасадори - во Црна Гора, Ерменија и Азербејџан.

Како наш посветен пријател и партнер, Македонија ја заслужува нашата помош да стане подготвена за членство во НАТО и ЕУ. Во интерес на САД и Европа е да продолжиме да и` ја даваме таа помош.

Констатирајќи дека проблемот околу името со Грција довел до стагнација на Македонија во евроатлантските интеграции, Бејли најави: „Ако бидам потврден на функцијата, ветувам дека ќе го употребам моето дипломатско искуство за да влијаам и да и` помогнам на Македонија да работи со Грција на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение“.

Тоа искуство се протега цели 29 години, а најсвежото е како заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата во Анкара, од кадешто се вратил на почетокот на септември.

Ако бидам потврден на функцијата, ветувам дека ќе го употребам моето дипломатско искуство за да влијаам и да и` помогнам на Македонија да работи со Грција на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.

Бејли мисли дека и 13 години по Рамковниот договор, има уште да се работи на неговата примена поради, како што рече, јазот што останува меѓу етнички албанското и македонското население, така што вети дека ќе работи на тоа водачите од обете страни да најдат заедничка иднина.

Американскиот дипломат оцени дека иако Македонија развила силни демократски структури, САД, ЕУ и - што е најважно - нејзините сопствени граѓани изразиле загриженост за слободата на печатот, независноста на судството и корупцијата.

Ќе работам со водачите и јавноста на реформскиот дневен ред на Македонија, но не само затоа што тоа ќе доведе до напредок во однос на нејзиното членство во европските институции. Слободните медиуми, независното и непристрасното судство и транспарентната влада ја јакнат демократијата и промовираат економски просперитет кон којшто Македонија со право се стреми.

„Ќе работам со водачите и јавноста на реформскиот дневен ред на Македонија, но не само затоа што тоа ќе доведе до напредок во однос на нејзиното членство во европските институции. Слободните медиуми, независното и непристрасното судство и транспарентната влада ја јакнат демократијата и промовираат економски просперитет кон којшто Македонија со право се стреми“, најави Бејли, под услов да биде потврден на функцијата.

На прашањето на демократскиот сенатор Крис Марфи од Конектикат за причините за назадување на демократските институции во Македонија, Бејли одговори дека една од примарните е чувството за зголемена политизација на институциите, вклучувајќи го судството и медиумите.

Како што беше најавено на распитот, за номинациите на Бејли и другите утре треба да гласа Комисијата за надворешни работи во Сенатот, а потоа за истото треба да се изјасни и целосниот состав на Сенатот.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG