Линкови за пристапност

„Само од воздухот не можам да се откажам“

  • Синиша Станковиќ

Невладината организација „За нас се работи“ промовираше документарен филм „Бт Токсик“,за енормното аерозагадување во Битола

Здружението за развој и активно делување на граѓанскиот сектор „За нас се работи“ од Битола, на 27 јануари, го промовираше документарниот филм “BT Toxic”. Филмот е снимен како дел од активностите и ангажманите на членовите на здружението , кое со граѓанките и граѓаните на Битола се залага за решавање на проблемот со загадениот воздух, и со животната средина во Битола, еден од градовите со најголемо заерозагадување во Македонија, кој со месеци наназад е на врвот на табелите на градовите со најзагаден воздух во Европа.

Во филмот се застапени изјави на членовите на здружението „За нас се работи“, на медицински лица, на стручни лица од РЕК – Битола, на претставници на еколошки здруженија од Македонија, на претставници од Министерството за животна средина, на членови на здружението „Битола на точак“ и на претставници од Институтот за јавно здравје.

Една од соговорничките во филмот Невена Смилевска од организацијата „Екосвест“, потенцира дека „само во 2012, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј ја чинеле Македонија околу 20-22 милиони евра во здравствени трошоци“, а според д-р Нико Герас, специјалист по општа медицина, „сигурно е дека еден дел од хроничните болни, како со хронични респираторни заболувања, така и со кардиоваскуларни заболувања, за жал, починале како последица на аерозагадувањето“.

Еден од активистите и загрижен борец против аерозагадувањето е членот на „За нас се работи“, православниот свештеник Душко Груевски. На прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик, како и зошто едно свештено лице се најде во првите редови на битолскиот граѓански сектор во борбата против аерозагадувањето, популарниот отец Дуле, ни изјави:

„Вистинско прашање на кое треба да се даде одговор е зошто еден свештеник, или целото свештенство, сите заедно не се борат против загадувањето на животната средина. Аерозагадувањето не тангира ниту една општествена групација. Тоа го тангира човекот. А јас сум прво, Душко Груевски, човек, битолчанец, а потоа сум и свештеник. Значи, во својата активност, тргнувам од примарната позиција на човек,а на од секундарната – на свештеник. Едноставно, во 21 век е налудничаво да се зборува за важноста на екологијата и на борбата за чист воздух. Но, кога веќе мора да зборуваме, основна обврска на секој човек е да се ангажира против загадувањето и за чист воздух. Како човек, со сите свои маани и доблести, сметам дека можам да се откажам од се, па и од свештенството и од семејството, ако треба, ама од воздухот што го дишам, и да сакам, не можам да се откажам. И од тие причини, борбата против аерозагадувањето ќе биде континуирана и со уште поголем итензитет“.

Сценариото на документарецот “BT – TOXIC” е на Пеце Талевски, кој истовремено е и продуцент на филмот, а режисер е Елеонора Венинова. Документарецот е снимен во рамките на проектот „Граѓанска вклученост за решавање на проблемите во животната средина“.

XS
SM
MD
LG