Линкови за пристапност

Загадениот воздух и прекумерната телесна тежина


Според студијата финансирана од кинеската влада, постојаната изложеност на загаден воздух го зголемува ризикот од зголемување на телесната тежина

Во статија објавена во весникот на Федерацијата на американските здруженија за експериментална биологија, истражувачите од Универзитетот Дјук велат дека лабораториски глувци кои биле изложени на загаден воздух во Пекинг, Кина, добиле на тежина.

За потребите на студијата, која е финансирана од кинеската влада, истражувачите изложиле бремени стаорци и нивни потомци во две различни простории. Во едната имало воздух од градот Пекинг, додека во другата имало поставено филтер кој го прочистувал воздухот.

После 19 дена, стаорците кои биле изложени на загадениот воздух биле „потешки и покажувале знаци на воспаление на ткивото.“ Тие исто така имале 50 проценти повисок холестерол и 46 проценти повисоки триглицериди. Кај нив било забележано повисоко ниво на отпорност на инсулин, што често се поврзува со развој на дијабетес од типот 2.

Истражувачите откриле дека стаорците изложени на загаден воздух биле потешки. Женките тежеле десет проценти повеќе, а машките стаорци 18 проценти повеќе отколку стаорците коишто дишеле чист воздух.

Кај потомците на стаорците се забележани слични ефекти.

„Бидејќи хроничното воспаление е согледано како фактор за зголемување на тежината и поради поврзаноста на метаболичните заболувања како дијабетесот и дебелината, нашите наоди нудат јасен доказ дека постојаната изложеност на загаден воздух го зголемува ризикот за зголемување на телесна тежина“ вели Џунфенг Џим Занг, професор за глобално здравје и животна средина на Универзитетот Дјук.

„Ако ова се потврди и кај луѓето, овие наоди ќе ја поддржат итната потреба за намалување на загадувањето на воздухот, со оглед на проблемите кои ги предизвикува прекумерната тежина во денешниот загаден свет“ вели Занг.

XS
SM
MD
LG