Линкови за пристапност

Mакедонија годинава во фокусот на ЕУ за проширувањето

  • Борјан Јовановски

Аналитичарот Гералд Кнаус очекува влијателни земји-членки на ЕУ да извршат поголем притисок за надминување на проблемот со Грција.

Европската комисија утре напладне официјално ќе го претстави текстот на Извештаите за напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција, кои претендираат да станат дел од Европската унија.

Интегрален дел од документите што утре ќе бидат објавени е и стратегијата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Како што најавуваат во ЕК, стратегијата ќе потенцира дека во текот на наредната година, за Комисијата приоритет ќе биде не квантитетот, туку квалитетот на законските решенија, и, пред се`, нивната имплементација.

Според ЕК, законите од обаста на владеењето на правото се во фокусот на вниманието, бидејќи без обезбедување на ефикасни закони во оваа сфера не може да се очекува ниту напредок на социо-економски план во земјите од регионот. Во овој контекст, Комисија исто така планира да ги зајакне сите постоечки механизми за ефикасно користење на средствата од европските фодови, но и средствата на другите меѓународни финасиски организации, за што, како што велат во ЕК, потребна е поголема координација меѓу сите релевантни фактори.

Во стратегијата за проширувањето, која пред новинарите денеска неформално ја презентираше висок претставник на ЕК, стои дека во фокусот на вниманието наредната година ќе биде и слободата на медиумите, како и имплементацијата на мерките за подобрување на состојбите во оваа сфера. Во тој контекст, најавена е нова конференција во Брисел на која ќе се разгледаат мерките што треба да се преземат за да се обезбеди фундаметалното право на слобода на изразување во земјите од регионот.

Што се однесува до Македонија, ЕК констатира дека во изминатата година е направен значаен напредок во Предпристапниот дијалог на високо ниво и дека во тие рамки е обезбедена декриминализација во законот за клевета и навреда, евалуација на процесот на имплементација на Рамковниот договор, како и измени во Изборниот законик.

ЕК и оваа година ќе му препорача на Европскиот совет да определи датум за старт на преговори за членство. Во ЕК велат дека постојат надежи оваа година да биде обезбедено зелено светло за преговорите и да се отстрани противењето на Грција. За да се дојде до тоа, во ЕК наведуваат дека одблиску ја следат актуелната кореспонденција меѓу шефовите на дипломатиите на Грција и Македонија. Се оценува дека одговорот на македонската дипломатија на грчкиот меморандум е согласно принципите на ЕУ за добрососедство.

Во телефонски разговор за Гласот на Америка на македонски јазик, првиот човек на советодавната и истражувачка Иницијатива за Европска стабилност, Гералд Кнаус, оцени дека Македонија оваа година е во фокусот на вниманието на ЕК.

Лани тоа беше Црна Гора но оваа година за ЕК е мошне важно да ги убеди земјите-членки да дадат зелено светло за старт на прегори, вели Гералд Кнаус. Според Кнаус, во ЕК се проценува дека блокадата на процесот на преговори трае предолго и со тоа се нарушува кредибилитетот на европските процеси на интеграција, кои, додава аналитичарот, стануваат се` помалку релевантни во стимулирање на реформските процеси.

Кнаус исто така смета дека по инцијативата на ЕК, некои од поголемите земји-членки ќе извршат притисок за надминување на проблемот со името или негово одложување и решавање во текот на преговорите, така што условот - проблемот да биде решен - ќе биде оставен за моментот кога Македонија ќе се најде пред портите на ЕУ, односно на крајот од преговарачкиот процес.
XS
SM
MD
LG