Линкови за пристапност

Дали Законот за абортус во Македонија ќе биде ревидиран по изборите?


Дали Законот за абортус во Македонија ќе биде ревидиран по изборите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Стручњаци за Гласот на Америка сугерираат жените и лекарите да направат заеднички притисок врз Владата да се промени Законот

Новиот Закон за прекин на бременоста, со кој жените мораат да бараат согласност од стручна комисија за да може да се изврши абортусот после 10-та недела, според професорот Леон Спироф од Одделот за гинекологија на Универзитетот за наука и здравје во Портланд, Орегон, само ќе го зголеми бројот на нелегални абортуси.

Спироф сугерира жените и лекарите да направат заеднички притисок врз Владата, зашто поединечни реакции верува дека нема да доведат до промени.

„Македонија ќе се врати во минатото ако овој закон остане во сила, принудувајќи ги жените да бараат небезбеден начин за абортирање“, вели Спироф.

Тој вели еден од начините Законот да се измени, е жените јавно да проговорат за проблемите, кои произлегуваат од неговата примена.

„Сигурно дека ќе има жени во Македонија кои ќе имаат страшни последици од нелегалниот абортус, и ќе биде добро да зборуваат за нивните искуства пред владините официјални лица, бидејќи секогаш има опција“, објаснува Спироф.

Тој посочува дека Владата мора да обезбеди едукација за контрацепција и за методите за ефикасна заштита од бременост.

За Кристина Плечиќ- Беќарова, програмски координатор во ХЕРА, Законот е спорен оти предвидува задолжително барање и согласност за прекин на бременоста, спротивно на Светската здравствена организација.

„Овие одредби не само што ги кршат правата и достоинството на жените, туку, пред се`, го ставаат во сериозен ризик здравјето на жената“, вели Беќарова.

Друг проблем, додава таа, е тоа што жената по поднесувањето на барањето мора да чека три дена пред да добие одговор, дури и во случаи кога носи мртов плод.

„Во пракса тие три дена секогаш се повеќе од три дена, зошто се случува да биде викенд или празник, па многу често жените се доведени во ситуација да чекаат и повеќе, за да ја извршат таа интервенција“, открива таа.

Беќарова ги потенцира и високите казни за лекарите до 5.000 евра, ако не го почитуваат законот од која било причина.

Од ХЕРА велат дека само неколку партии досега дале поддршка за негова промена по изборите, но не ги именуваше кои се тие.

Според статистиката на Заводот за мајки и деца бројот на абортуси во Македонија во 2013-та изнесувал 4.493.

XS
SM
MD
LG