Линкови за пристапност

Извршната наредба како право на претседателот


Претседателот Обама во 2009-та потпишува извршна наредба за Гвантанамо, на вториот ден откако влезе во Белата куќа

Претседателот Обама во 2009-та потпишува извршна наредба за Гвантанамо, на вториот ден откако влезе во Белата куќа

Историски поглед: за што првите луѓе на САД имаат потпишано ваков указ?

Во САД, обата дома на Конгресот разгледуваат и гласаат предлог-мерки, но тие нема да станат закон се` додека не ги потпише претседателот.

Но, Уставот на САД му дава право на претседателот по потреба да издава извршни наредби, токму како што Барак Обама планира да постапи за да ја смени имиграционата политика на земјата, откако Конгресот не постигна спогодба за нов закон на оваа тема.

Американските претседатели донеле разни промени преку извршна наредба и тоа се често одлуки што не привлекуваат големо внимание на јавноста. Од јули годинава, Обама издаде 10 извршни наредби и ниту една од нив не предизвика контроверзи. Меѓу нив: наредбата за основање на советодавно тело за американските бизниси во Африка, за ревидирана листа на преносливи болести, како и за условите за вработување на федерални агенти за контрола на алкохолот, цигарите и оружјето.

Но, некои извршни наредби одиграле клучна улога во образувањето на американската историја и напати биле контроверзни за своето време, па дури и кога биле ставени на испит на времето.

Претседателот Франклин Рузвелт издал извршна наредба за насилно иселување на Американците со јапонско потекло и нивно префрлање во кампови за интернација за време на Втората светска војна, по нападот на Перл Харбор. Земјата подоцна се извини за ваквиот чин и плати отштета на погодените.

Претседателот Хари Труман со извршна наредба во 1948-ма година ја укина расната дискриминација во американската армија, а за време на штрајк во 1952-ра ги национализираше сите челичани во САД. Претседателот Двајт Ајзенхауер стави потпис на извршната наредба што стави крај на сегрегацијата во јавните училишта во 1957-ма.

Намерата на Обама со извршна наредба да ја смени имиграционата политика на земјата предизвика жесток отпор од неговите политички противници. Статистиката покажува дека другите претседатели имаат издадено многу повеќе вакви укази од Обама. Неколку наредби биле укинати на суд, како онаа на Труман за челичаните, или пак наредбата на Бил Клинтон за политиката на вработување во владата. Новиот претседател исто така има можност да ги укине наредбите на претходникот, додека Конгресот може да усвои легислатива спротивна на наредбата на претседателот, но таа подлежи на вето - од претседателот.

XS
SM
MD
LG