Линкови за пристапност

На 8-ми јануари е 75-годишнина од раѓањето на Елвис Присли


Елвис Присли беше меѓу првите внесени во Халата на славните на рок-ен-ролот во 1986-та, така што не е за изненадување што музејот во Кливленд, во дражавата Охајо, го одвиткува црвениот тепих за оддавање признание на еден од најфасцинантните пионери на рокот.

Директорот Хауард Крамер вели дека за новата изложба „75 години Елвис“се додадени нови артефакти и сувенири.

„Секои пет години на изложбата додаваме нови нешта, предмети што ги користел. Облека, предмети поврзани со концертите, лични работи. Има многу предмети. За среќа, Елвис ги зачувал, и еве сега, по повеќе од 30 години откако почина, изложени се десетици илјади негови предмети“, вели Крамер.

Меѓу најпопуларни нешта се автомобилот Линколн Континентал од 1975-та, неговиот личен џубокс и акустичната гитара која ја виделе и слушнале милиони лица.

Крамер вели дека е изложена гитара што Елвис Присли ја користел на специјална телевизиска емисија со негов камбек концерт во 1968-ма. Тоа е Гибсон Ј-200, гитара што често ја користел почнувајќи од 1961-в.

Секоја година, стотици илјади лица го посетуваат домот на Елвис Присли во Грејсленд, Мемфис, во државата Тенеси, да му оддадат почит на Кралот на рок-ен- ролот. Директорот за односи со јавноста во Грејсленд Кевин Керн вели дека посетителите кои доаѓаат во Грејсленд да ја прославата 75-годишнината, ќе видат нова изложба за Елвис, која има наслов „Од Тупело до Мемфис“.

„Изложбата фрла поглед на животот на Елвис Присли како нормален човек, пред да стане супер-ѕвезда. Специјалната изложба по повод 75-те години од неговото раѓање го истражува неговиот живот од самите почетоци до времето кога станал ѕвезда – од Тупело, Мисисипи, кога живеел во станбена зграда за сиромашни и одел пешки до Студиото Сан, го добил првиот музички ангажман и станал дел од историјата на рок енд ролот“, вели Керн.

Како што растела неговата слава, Елвис го купил имотот во Грејсленд на почетокот од 1957-ма и таму живеел се до неговата смрт на 16-ти август 1977-ма. Кевин Керн објаснува зошто многу луѓе, од сите возрасти, од секој дел од светот, сакаат да минат низ портите на адресата „Булевар Елвис Присли“ број 3764:

„Патувањето во Грејсленд во август на годишнината од неговата смрт или во јануари за неговиот роденден е оддавање почит на неговото музичко наследство. Елвис ја промени поп-културата и музиката. Тој беше дел од музичката, културна и сексуална револуција во 50-тите. Без Елвис, само може да претпоставиме како би се развивале работите, затоа што тој навистина имаше уникатен звук. Се облекуваше различно, се движеше поинаку и навистина ја измени поп-културата“, објаснува Керн.

75- годишнината од раѓањето на Елвис Присли ќе продолжи да се одбележува целава година, вклучувајќи и изложба во националната Галерија и Њузеумот во Вашингтон, како и во Музејот Греми во Лос Анѓелес, Калифорнија.

Истовремено, музичката куќа „РЦА Рекордс“ ќе објави компилација од 100 дигитално преработени песни на Елвис Присли.

XS
SM
MD
LG